Friday ,13 December 2024
Последни:
Home > Slider > ГОЛЕМА ПОБЕДА ОД МАНХАЈМ, ВАРДАР ГО “ПРЕСЛУША„ РАЈН-НЕКАР И ГИ ЗГОЛЕМИ ШАНСИТЕ ЗА ВТОРОТО МЕСТО ВО ГРУПАТА
ГОЛЕМА ПОБЕДА ОД МАНХАЈМ, ВАРДАР ГО “ПРЕСЛУША„ РАЈН-НЕКАР И ГИ ЗГОЛЕМИ ШАНСИТЕ ЗА ВТОРОТО МЕСТО ВО ГРУПАТА

ГОЛЕМА ПОБЕДА ОД МАНХАЈМ, ВАРДАР ГО “ПРЕСЛУША„ РАЈН-НЕКАР И ГИ ЗГОЛЕМИ ШАНСИТЕ ЗА ВТОРОТО МЕСТО ВО ГРУПАТА

Вардар со голема победа се враќа од гостувањето во Манхајм, откако вечерва во рамките на 11. коло во најсилната група А ја совладаа екипата на Рајн-Некар. Нашиот шампион и повеќе од заслужено победи, со оглед дека имаше водство од првата па се до последната минута на мечот, надигран противникот во сите сегменти од ракометната игра.

Натпреварот започна со одбрана на Милосављев, кој беше одличен на нашиот гол, додека резултатот го отвори Карачиќ кој во првиот дел беше наш најефикасен играч. Одлично игравме во првите 30 минути, да не беа оние лоши последни четири минути од првиот дел, можевме да имаме и повисока предност. Во 7.минута со голот на Карачиќ имавме и два гола позитива, додека Скубе со силен удар кој заврши во противничката мрежа му донесе на Вардар водство од 4:7 во 11.минута од натпреварот, што беше знак за тренерот Јакобсен да повика прв тајмаут на овој дуел. Ниту тоа не му помогна на домашниот тим, едноставно Вардар играше разновидно во нападот, секогаш наоѓаше позиција да постигне гол, додека во одбраната успеавме да ги спречиме Шмид и Менсах Ларсен. На половина од првиот дел, Милосављев стигна до својата петта одбрана, откако му одбрани зицер удар на Ларсен, додека Карачиќ продолжи со голеадата, за предност од 6:10 во 17 минута од дуелот. Одлично играше и Стоилов, кој стигна до својот 3 гол од исто толку обиди, додека најубавиот погодок во првиот дел беше дело на Вардар и тоа цепелинот на Карачиќ кој во гол го претвори Кристопанс за веќе пет гола позитива (7:12). Домашниот тим проба да игра и со 7 на 6, без голман, но тоа им се врати, кога Дибиров умешно пресече топка и ја погоди празната мрежа, за во 26 минута да имаме највисоко водство од 9:16. Сепак до крајот на првиот дел, Рајн-Некар направи серија од 3:0 и на полувреме се замина со достижна негатива од 12:16. Милосављев на голот имаше 7 одбрани, додека Карачиќ постигна 5 голови.

Одлично го отворивме вториот дел, со головите на Чупиќ и Дибиров стигнуваме до позитива од шест голови (12:18), додека противникот не успеа да ги искористи своите први два напади. Првиот гол го постигнуваат по четири минути игра за намалување на резултатот. Браво и за “Банда„ на голот, кој брани нов зицер и стигнува до својата осма одбрана. Каква нова одбрана на нашиот голман, со нов одбранет зицер, кој му овозможи на Дибиров да погоди празен гол, за враќање на оние највисоки седум гола (14:21) во 38 минута. Рајн-Некар ја повторува онаа серија од крајот на првиот дел, со три последователни голови успеа да намали на 17:21 во 41 минута од мечот. Во моментите кога не ни одеше во нападот, најснаодлив беше Стоилов кој псотигна два гола по ред и ја одржа солидната предност, додека со голот на Шишкарев поведуваме и со 18:24 на 15 минути пред крајот. Шмид беше единствениот расположен противнички играч, кој успева да го постигне својот деветти гол и да намали на 20:24, што значеше и тајмаут за Парондо. Вардарци имаа контрола на играта, но и на резултатот кога со два последователни голови поведуваме со 20:26, а Милосављев стигна до двоцифрен број на одбрани. Нова мајсторија на Скубе, нов гол за повторно високи 20:27, полека се наѕираше победникот на овој меч, едноставно противникот не беше во можност да му парира на Вардар. Се доближи домаќинот, но само на четири гола негатива, времето течеше,а  Вардар играше паметно. На крајот голем триумф за Вардар, со резултат 27:30.

Дибиров беше најефикасен со 7 голови, додека Стоилов и Карачиќ постигнаа 6, Кристопанс додаде 4. Милосављев одличен на голот со 10 одбрани. Вардар и после одигрување на ова коло ќе остане на второто место на табелата, со шанса да ја зголеми бодовната предност пред конкурентите.