Вардар потврди дека е за класа подобар од екипата на Металург и убедливо го доби вчерашниот натпревар, кој го одлучуваше шампионот на Македонија. Можеби полесно од очекувањата успеавмеа на крајот да славиме победа, изразена со 13 голови разлика, или по 60 минути резултатот на семафорот беше 38:25. Противникот од Автокоманда беше рамноправен противник до десеттата минута, кога имаше и водство, но од тие моменти па се до крајот на натпреварот Вардарци ја имаа доминацијата на теренот. На тој начин успеавме да му вратиме на Металург за првиот пораз на гостински терен и речиси да ја обезбедиме новата титула, која ќе биде 11 во витрините на клубот. Сепак остануваат уште неколку кола до крајот на сезоната, натпревари кои мора да ги добиеме. После победата против вчерашниот противник, шефот на стручниот штаб, Раул Гонзалес го искажа своеото задоволство од играта на неговите избраници, со напомена дека ова е заслужен триумф за Вардар во дербито на Супер-лигата.
-Бевме свесни дека треба да одиграме добар натпревар, бидејќи тие на првиот меч одигран во Автокоманда покажаа дека имаат квалитет. Моите играчи беа целосно мотивирани, знаевме дека ова е натпревар кој го одлучува шампионот на Македонија. Сметам дека бевме многу подобри од нив, во текот на сите 60 минути имавме водство со исклучок на првите минути и заслужено победивме. Многу сум горд на мојата екипа што ја освоивме СЕХА лигата и ќе играме на завршниот турнир во лигата на шампионите, а имаме шанса да освоиме титула во Македонија и поради тоа сум среќен. Знаевме дека Червар и Металург ќе играат седум на шест, но ние бевме подготвени на такво нешто и работевме како да се спротивставиме на таквата игра. Немавме проблеми, како на првиот натпревар, истакна Гонзалес.