Екипата на РК Вардар веќе се наоѓа во Белорусија, каде денес со почеток од 17 часот ќе гостува на екипата на Брест Мешков. Тоа ќе биде прв дуел за црвено-црните во новата година, после завршување на Европското првенство. Со оглед дека во нашиот состав ќе недостасуваат неколку ракометари, сигурно дека ќе биде тешко да се стигне до победа на теренот, на кој противникот многу тешко губи бодови. Сепак Вардар е единствениот тим, кој е со максимален број на освоени бодови во ова натпреварување. Во пресрет на денешниот дуел, тренерот на Вардар, Раул Гонзалес истакна дека неговиот тим го очекува тежок натпревар.
-Нашите натпревари во Брест секогаш биле тешки, Мешков секогаш игра квалитетно против нас. Очекувам многу интензивна игра и знам дека домаќинот ќе го даде максимумот за да ја запише првата победа оваа година. Нашaта цел е да продолжиме со одличните игри и што подобро да се подготвиме за претстојните натпревари во Лигата на шампионите. Ќе ми недостигаат неколку ракометари, но сигурен сум дека оние кои ги имам на располагање ќе го дадат максимумот.
Дуелот од Брест денес ќе оди со директен пренос на МРТ-1, со почеток од 17:00 часот.