Во сабота, Вардар гостува во Хрватска на екипата на ППД Загреб, во рамките на првиот осминафинален меч од Лигата на Шампионите. Црвено-црните ќе се обидат да да дојдат до позитивен резултат, пред реваншот за седум дена во Скопје. Во пресрет на утрешниот дуел, од противничкиот табор одржаа прес-конференција на која ги изнесоа очекувањата за мечот со Вардар. Пред медиумите се обрати капитенот, Златко Хорват кој го изјави следното:
-Драго ми е што интересот за натпреварот е голем и тоа што навивачите ќе ја исполнат арената. Мислам дека со игрите преку целата сезона го заслуживме пласманот во најдобрите 16 екипи. Стигнавме до посакуваното осминафинале и завршивме добра работа, а да се игра против екипа која пред две години ја освои Лигата на Шампионите е големо задоволство.
Хорват смета дека Вардар е фаворит за пласман во следната рунда, но капитенот на Загреб вети голема борба и на двата меча, со можност неговиот тим да изненади.
-Сигурно дека Вардар и оваа сезона е еден од претедентите за пласман на завршниот турнир. Сепак ние не сакаме да застанеме тука и да бидеме елиминирани во осминафиналето. На двата натпревари ќе дадеме се од себе и ќе се обидеме да поминеме во следната рунда. Нема да биде лесно, се работи за врвна екипа, но веќе повеќе пати покажавме дека можеме да играме против фаворити.