Миленикот на вардаровите навивачи, Стојанче Стоилов во текот на вчерашниот ден го продолжи договорот со Вардар на уште две сезони, со што ќе остане во клубот до јуни 2020 година. Стоилов досега одигра седум сезони во црвено-црниот дрес и со новите две, ќе се доближи до двоцифрен број на одиграни сезони во екипата на Вардар, полека но сигурно е дека иконата на Комити, својата играчка кариера ќе ја заврши токму во Вардар. Во 2011 година дојде од екипата на Металург и до ден денес со успех го носи црвено-црниот дрес. Одигра пет сезони во Лигата на Шампионите и постигна вкупно 69 голови. Пред две години е назначен за капитен на Вардар, откако клубот го напушти Филип Лазаров, кој замина тогаш во Романија.
Со Вардар досега успеа да освои пет трофеи во првенството, шест во националниот куп, потоа еден супер куп, четири титули во СЕХА-лигата и онаа најголемата и најважната, Европската од Лигата на Шампионите, кога во сезоната 2016/16, Вардар триумфираше во најголемото ракометно натпреварување. Се работи за голем борец и играч со лавовско срце и не случајно е миленик на вардаровата публика. Му посакуваме уште многу години во дресот на Вардар и секако уште многу радости и трофеи со црвено-црните.