Екипите на РК Илинден и Карпош од Куманово ќе играат во големото финале на “Јуниор“ лигата, кај генерацијата родени “2004/05“ година. Утрово на Кале се одиграа полуфиналните мечеви во оваа генерација, по што се познати екипите кои ќе се борат за трофејот во “Јуниор“ лигата.
Илинден немаше големи проблеми да се пласира во големото финале на “Јуниор“ лигата, откако утрово во првото полуфинале убедливо го совладаа тимот на Урдаревски. Само во првата минута од мечот видовме израмнување на резултатот на 1:1, за да тргне серијата на Илинденци кои постигнаа шест последователни голови и зголемија на 7:1. До крајот на првото полувреме ја одржуваа оваа предност и на одмор се замина со резултат од 8:3.
Стартот на второто полувреме му припадна на играчот на Илинден кој воедно е дел и од пионерите на Вардар, Андреј Петрушевски кој ги постигна првите три гола во вториот дел и веќе зголеми на 11:3. Немаше резултатска неизвесност до крајот на натпреварот, само во три наврати тимот на Урдаревски намали до шест голови негаатива. Последната беше при резултат 15:9, но до крајот на натпреварот избраниците на Дарко Јанев направија серија од 5:1 и до крајот заслужено триумфираа со двоцифрена разлика од 20:10.
Најефикасен беше Андреј Петрушевски со 8 голови, додека Александар Стојменов додаде 4 погодоци.
Во второто полуфинале се сретнаа екипите на Карпош од Куманово и Ангели од Скопје. Поуспешни беа кумановчани кои славеа со резултат 27:20. Стартот на мечот им припадна на Ангели, кои поведоа со 2:4, откако се играше гол за гол на двете страни. Тоа беше се што успеа да стори тимот на Ангели, со оглед дека следеше серија за екипата на Карпош од пет последователни голови, за резултатски пресврт и водство од 7:4. За момент намали тимот на Ангели на 7:6, но повторно Карпош се одлепи на предност од 9:6. При резултат од 10:8, до истекот на првите 20 минути екипата на Карпош направи серија од 5:1 и на полувреме се замина со резултат 15:9.
Победникот беше решен на стартот на вториот дел, кога тимот од Куманово постигна пет голови, напротив само еден на Ангели, за веќе двоцифрена предност од 20:10. Имаше Карпош контрола на резултатот, во едне момент Ангели намалија на 22:16, но со нова серија од 5:1 се врати двоцифрената разлика од 27:17. Последните три гола на овој полуфинален меч ги постигна екипата на Ангели, за да ги постави конечните 27:20 на овој дуел.
Најефикасен кај победникот беше Димевски со 8 голови, додека по 6 постигнаа Крстевски и Илиевски.