Тимот од кој се „црпат“ играчи за првата екипа на ракометниот клуб Вардар, тоа е Вардар Јуниор и оваа сезона има за главна цел да обезбеди опстанок во најсилната супер лига. Екипата која изминативе години ја води Стојан Петрушевски ја заврши полусезоната во најсилната-супер лига на одличното 6.место. Освоивме вкупно 18 бодови на 14 одиграни натпревари, па со оглед на младоста и неискуството на екипата, може да кажеме дека Вардар Јуниор одигра солидна полусезона. Иако на стартот од сезоната се соочивме со големи проблеми поради некомплетниот состав и заминувањето на неколку „поискусни“ играчи, сепак Петрушевски и неговиот помошник, ,Манасков, успеаа да воспостават некаква рамнотежа и да го воиграат тимот кој го имаа на располагање.
Имавме можност во новата година први да разговараме со главниот тренер на Вардар Јуниор, тоа е Стојан Петрушевски, кој за нашиот сајт даде оцена и еден преглед на изминатата полусезона, истакнувајќи задоволство од моменталниот пласман на табелата.
-Со оглед дека некомплетни ја стартувавме новата сезона, задоволен сум од прикажаните игри и од пласманот на табелата.
Вардар Јуниор имаше добар период кога успеа да сврзе две победи на домашен терен, против далеку поискусните и повозрасни екипи на Пелистер и Радовиш. Сепак, Петрушевски смета дека овие победи не се изненадување и доколку тимот бил комплетен во текот на целата полусезона сме можеле да се бориме и за позиција која носи во плеј-офот.
-За мене не се изненадување победите против екипите на Радовиш и Пелистер. Едноставно оваа екипа кога е комплетна може да победи секого, а тоа го покажавме на натпреварот против Металург. Ако имавме малку повеќе среќа и ако бевме комплетни на сите мечеви ќе се боревме за место кое води во плеј-офот.
Вардар Јуниор беше на праг на големо изненадување во дуелот со Металург. Во текот на сите 60 минути, младите вардарци му дадоа силен отпор на големиот фаворит, кој само поради поголемото искуство на крајот успеа да ги освои трите бода. Во последните 30 секунди, црвено-црните имаа напад за израмнување, но во најлош момент успеавме да направиме техничка грешка. Петрушевски го прокоментира овој натпревар како најдобар за неговиот тим оваа сезона и дека доколку би се испочитувало договореното на последниот тајм-аут можеше да се случи и големо изненадување.
-Натпреварите со Металург се посебни и секогаш мотивирачки и за едните и за другите, без разлика кои екипи играат на теренот. Тоа беше најдобриот натпревар за Вардар Јуниор во оваа полусезона каде што функционираше се како што треба, како во фазата на одбрана, така и во нападот. Ако Кукуловски се одлучеше да упати удар како и што беше договорено, а не да додаде и направи техничка грешка, ќе направевме изненадување. Но, секако без задоволен од прикажаната игра на мојата екипа, на тој интересен и неизвесен меч до последните секунди.
Неколку млади играчи кои изминатите години беа дел од Јуниор, оваа сезона добија шанса да се докажуваат во првиот тим. Петрушевски, во нив гледа иднина и носители во играта на првиот тим.
-Некои од играчите кои оваа сезона беа прекомандувани во првиот тим, истите во наредните сезони можат да бидат носители во играта на двократниот Европски Шампион. Тука, пред се, мислам на Кукуловски, Ќосевски, Крстевски, Кизиќ и Атанасовски. Сите овие играчи имаат квалитет, но им недостасува искуство од големи натпревари.
Првиот собир во новата година, Вардар Јуниор, ќе го има на 8.јануари кога ќе бидат означени подготовките за пролетниот дел од сезоната. Право за настап во вториот дел ќе немаат четири важни играчи, па клубот ќе се обиде да донесе нови засилуавања.
-Подготвките се закажани за 8. јануари и ќе ги започнеме во значително изменет состав. Кукуловски, Карапалевски, Кизиќ и Ќосевски ќе бидат само во првиот тим, бидејќи немаат право за настап во вториот дел од сезоната. Ќе се обидеме да донесеме неколку нови млади играчи со цел да ги потполниме испразнетите места на овие позиции. Ќе одиграме повеќе пријателски натпревари за да можеме да го воиграме новиот тим за пролетниот дел од сезоната.
Во пролетниот дел остануваат да се доиграат уште четири кола од регуларниот дел, а Петрушевски очекува победи во дуелите со Метаург 2 и Работнички. Искусниот сратег верува дека Вардар Јуниор на крајот од сезоната ќе ја исполни првичната цел, а тоа е опстанок во Супер-лигата.
-Во вториот дел од сезоната очекуваме да ги победиме екипите на Металург 2 и Работнички, со што успешно би го заокружиле регуларниот дел од сезоната освојувајќи 24 бодови и на тој начин би го олесниле разигрувањето за опстанок во најсилнаа супер лига. Со оглед дека ќе останеме да играме со младата и неискусна екипа, ќе имаме тешка работа, но се надевам дека ќе го оствариме зацртаното од почетокот на сезоната, а тоа е опстанок во лигата, истакна Петрушевски за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски