На почетокот на новата натпреварувачка сезона екипата на РК Вардар ја засили поранешниот репрезентативец на Словенија, Стас Скубе кој пристигна од екипата на Пик Сегед. Скубе беше замената за Циндриќ и според договорот во Скопје треба да остане во наредните три сезони. Се работи за одличен организатор на играта, покрај постигнувањето голови квалитет во неговата игра е тоа што е врвен асистент. Ви го пренесуваме целосното интервју на Скубе за официјалната страна на клубот.
*Веќе половина сезона е зад нас. Дојде во Вардар како засилување. Дали си задоволен со постигнатите резултати досега?
Мислам дека сите треба да сме многу задоволни од резултатите, и играчите и стручниот штаб, а и публиката, која е незаменлива потпора и мотивација за екипата и на најтешките натпревари. После десеттото коло од Лигата на шампионите имаме 13 бодови и имаме добри услови да се одржиме на втората позиција на табелата во нашата група. И во СЕХА лигата сме на врвот од табелата, и ја исполнивме целта.
*По што ќе се сеќаваш на 2018 година?
Годинава што изминува ќе ми остане во сеќавањата по првата титула што ја имам освоено во мојата кариера, и тоа е освојувањето на финалето во унгарската национална лига со Пик Сегед, како и преминот во Вардар што се покажа како полн погодок за продолжување на мојата професионална кариера.
*Имавте одлична полусезона, многу успешна во боите на црвено – црните и сега следува време за одмор и за семејството. Каде планирате да ги поминете божикните и новогодишните празници?
Иако не секој натпревар го одигравме онака како можеме и како што сакавме, сепак за нас важно е дека Вардар се движи во насоката која ја посакуваме. Сега е време за одмор и сите претстојни празниците ќе ги поминам со семејството во Словенија. За Нова година одиме на планина каде заедно со пријателите ќе ја дочекаме и новата година!
* Како изгледа Божик во домот на семејството Скубе, имате ли некоја семејна традиција?
За Божик вообичаено сме дома, на вечера заедно со семејството. Тоа е време за блиските и не можам да речам дека организираме некоја прослава. Ниту пак, дека имаме некоја празнична традиција. Освен спортот, тоа традиционално не поврзува. Односно, потекнувам од спортско семејство и спортот ми е во крвта. Татко ми беше кошаркар, вујко ми добар ракометар кој играше на Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година. Брат ми е, исто така, ракометар.
*Како изгледа божикната трпеза, односно, можете ли да одберете некој специјалитет што традиционално се подготвува во Словенија за Божик?
Немаме некој традиционален специјалитет или некое јадење кое е главно на вечерата. Важно е да има многу храна на трпезата и да се собере целото семејство. Изборот е богат, па за секој има нешто од она што сака да го јаде. Со семејството не го славиме Бадник, но во пресрет на Божиќ, во Словенија е обичај на полноќ да се оди во црква.
*Како ти се допаѓа Скопје, особено накитено со новогодишни декорации?
Скопје во декември е многу поубав град отколку вообичаено. Минатава недела прошетавме низ центарот на градот, сѐ беше убаво накитено, раздвижено и опуштено. Ми се допадна целата празнична атмосфера во градот.
*Семејството редовно ти дава поддршка од трибините. Меѓу најмладите фанови на трибините се русокосите момче и девојче во вардаровиот дрес со број 20. Разговарате ли по натпреварите како тие го доживеале натпреварот, а како ти?
Со семејството вообичаено многу разговараме за ракометот и за натпреварите. И за децата кога доаѓаат на натпревар тоа се големи настани, случување кое на сите ни е многу важно. Веќе разбираат дека тато е ракометар и дека имам важни натпревари и многу се радуваат кога можат да навиваат. Остануваат на трибините во текот на целиот натпревар. И на крајот се симнуваат на паркетот и си играат, тоа е како традиција за децата на сите ракометари од екипата.
*Како го поминувате слободното време? Дали имате омилено место во Скопје каде ги полните батериите?
Секој слободен момент се трудам да го искористам со семејството или да се дружиме со пријателите. Сакаме добра храна, така што понекогаш излегуваме заедно на ручек или вечера, но најомилени места ни се оние каде има игротеки. Децата сега се на прво место, ги слушаме и важно е да имаат каде да играат.
*Што е она што најмалку ти се допадна во Скопје?
Она што најмалку ми се допаѓа во Скопје, пак, е како возачите возат, а тоа е дополнето со големи турканици и застој во сообраќајот, па за да стигнеш било каде ти треба многу време.
*Што би со посакал во 2019 година?
Во новата година си посакувам здравје и успешен Вардар. По да играм на Ф4 заедно со Вардар, а на останатите во 2019 година им посакувам многу среќа и бројни задоволства.