Вардар во новата сезона ќе има изменет „лик“ со нов тренер и неколку нови играчи ќе атакува на освојување на трофеи. Еден од новите засилувања е и српскиот репрезентативец, Дарко Ѓукиќ, кој ќе биде замената за легендарниот Иван Чупиќ кој го напушти Вардар и се сели во екипата на ППД Загреб.
Ѓукиќ има солидно интернационално искуство настапувајќи за неколку добри екипи како Брест Мешков, Бешикташ и Киелце, додека во минатото го носеше и дресот на Металург, а последната сезона беше дел од екипата на Спортинг Лисабон. Во интервју за „Балкан Хандбал“, новиот играч на Вардар на десната крилна позиција, зборува за очекувањата во новата сезона со Вардар. Какви се амбициите на Ѓукиќ со црвено-црните, вербата дека може да се стигне до завршниот турнир во Келн, како и за соработката со Веселин Вујовиќ.
-Немаше никакви дилеми околу тоа дали сакам во Вардар или не. Искрено, тој разговор постоеше и порано, затоа и потпишав со Спортинг Лисабон на само една година, бидејќи знаев дека ова лето ќе потпишам за Вардар. Изборот беше едноставен, бидејќи Лигата на Шампионите за мене е најголем предизвик, натпреварување во кое сакам да играм. Исто така ќе бидам поблиску до дома, што исто така беше поволна околност при носењето на одлука.
Нема поголем предизвик за еден играч да настапува за клуб кој бил двократен Европски Шампион.
-За Вардар не треба да се трошат зборови, бидејќи тој е еден од најголемите клубови во Европа. Освои две Европски титули во последните четири години. Минатата сезона екипата беше нешто послаба, имаше многу проблеми со повредени играчи, но искрено се надевам дека во новата сезона ќе биде сосема различно.
За Дарко Ѓукиќ ова ќе биде прва соработка со Веселин Вујовиќ, очекува дека може да одговори на неговите задачи и секако професионален и коректен однос со новиот тренер на клупата на црвено-црните.
-Се работи за големо име во светскиот ракомет, а посебно во Скопје. Човекот направи сериозни резултати, пред се со Вардар и репрезентацијата на Словенија. Каде и да беше тренер остави длабоки траги и очекувам добар однос со него. Како играч можам да одговорам на задачите за кои знам дека на Вујо му се приоритет, а тоа се пожртвуваноста во одбрана. Се уште се немаме слушнато, со оглед дека пред неколку дена пристигнав во Србија. Двајцата имавме многу обврски, иако немаме соработувано досега, знам што Вујовиќ бара од својата екипа на теренот.
Десното крило не крие дека очекува многу од новиот тим во новата сезона. Амбициите ќе бидат да се стигне до нов завршен турнир во Келн, се под тоа, Ѓукиќ ќе го смета за неуспех.
-Што се однесува до очекувањата за настапите во Лигата на Шампионите во новата сезона, преку изјавите на Вујовиќ, сфатив дека ќе одиме на високи цели. Јас лично не гледам никаков проблем околу можниот пласман на Ф4 во Келн. По мое мислење, од екипа како Вардар треба да се очекува да стигне до крајот, да бидеме реални се под полуфинале ќе биде неуспех. Останува да видиме, се работи за нова екипа со нов тренер и сигурно дека ќе треба да се сложат коцките. Ако бидат навивачите на трибините, треба да се очекува многу од нас во наредната сезона, бидејќи сите добро знаеме дека вардаровите навивачи се најдобрите во Европа. Посакувам да ја почувствувам таа атмосфера која ја создаваат навивачите во црвено-црно, истакна Дарко Ѓукиќ во интервју за реномираниот српски ракометен медиум.