Ракометарите на Вардар стигнаа до нова, вкупно единаесетта победа во СЕХА-лигата. Во последниот натпревар пред домашната публика, црвено-црните ја совладаа екипата на Целје П.Л. Во текот на целиот натпревар имавме постојано водство и контрола на резултатот. Иако на моменти противникот се доближуваше на 1-2 гола негатива, сепак во возбудлива завршница бодовите останаа во Скопје. Конечниот резултат гласеше 33:31. На прес-конференцијата после завршување на мечот, своите впечатоци ги споделија тренерот Гонзалес и капитенот Стоилов.
-Целје игра многу добар ракомет, многу брз и затоа за нас беше многу тежок натпревар. Против Целје мора секогаш да играте 100 отсто. Ние сме прво место на табелата и мора да го искористиме моментот. Веќе во вторник играме против Загреб, тоа ќе биде уште еден тежок меч, изјави Гонзалес.
Вардар останува прв на табелата, а Стоилов потенцираше дека е најважно што сме забележале победа.
-Ова беше тешка победа, знаевме дека ќе биде така, но победа си е победа. Први сме и се надевам дека така ќе остане. Ни остануваат уште два натпревара до крајот на годината, се надевам дека ќе ги добиеме и ќе останеме први, рече Стоилов.