Импресивен и силен Вардар видовме на вчерашниот натпревар од Лигата на Шампионите. Црвено-црните го „прегазија“ тимот на Брест Мешков (35:27) за прва победа сезонава во Лигата на Шампионите. Заслужена победа за нашиот состав кој имаше предност во текот на целиот натпревар, противникот речиси и да не се закани посериозно на нашето водство, па немаше што да бара во Скопје.
После натпреварот своите впечатоци ги сподели тренерот Вуовиќ, кој истакна дека енергијата од трибините им претставувала дополнителна сила за да стигнат до победата.
Се плашев од овој меч, затоа што знам каква екипа е Мешков и многу ја ценам. Ние го отворивме дуелот доста мотивирано, ни помогнаа неколку сјајни одбрани на Томовски и атмосферата од трибините. Така бевме носени со таа енергија, нашите шутери беа расположени и тоа беше тоа. Кога променија во таа фаза 5-1, морав да менувам со Дибиров и Гаџа некоја тактика во средината затоа што браќата Њокас уште не се воиграни. Сепак, морам да потенцирам дека Мешков Брест има повредени играчи и ние ја искористивме таа ситуација. На противникот му посакувам среќа во наредните натпревари“, изјави Вујо.
Одличен на голот беше и македонскиот репрезентативец Мартин Томовски кој дуелот го заврши со двоцифрен број на одбранети удари.
„Отворивме одлично и создадовме некоја разлика која ја контролиравме. Но, сепак, имавме и падови, ние сме една нова екипа и допрва ќе стануваме се подобри и подобри. Голема благодарност и до публиката за поддршката, тие беа нашиот ветер во грбот до оваа победа со Мешков Брест“, истакна Томовски.