Вардар го освои ракометниот Куп, откако во големото финале беше подобар од тимот на Еурофарм Пелистер (23:22).
Црвено-црните во еден момент од второто полувреме имаа и пет гола негатива, но сепак успеаа на крајот со голот на Талески на пет секунди пред крајот да стигнат до победа и на тој начин да го освојат својот 15.трофеј во Купот.
После натпреварот своите впечатоци од финалниот натпревар ги сподели Давид Дејвис кој го изјави следново:
-Одигравме одличен натпревар за уживање и двата тима. Тие водеа на полувреме и во вториот дел имаа предност. Сите може да уживаат во овој ракомет кој го играме ние и Еурофарм Пелистер. На крајот ние бевме посреќни и затоа победивме. Клучно во мечот беше тоа што верувавме и кога имавме негатива од пет гола. На крајот морам да кажам дека оваа екипа има „кохонес”.
Дибиров изјави дека е добро да имаш ваков ривал, тоа е за добро и на македонскиот ракомет
-Секој натпревар е посебна приказна. Знаевме дека ќе биде многу тешко, бидејќи секој меч има нешто посебно. Имаме едно ривалство со Еурофарм Пелистер и секој меч е непредвидлив. Среќата беше на наша страна на крајот од мечот. Тимот од Битола направил голема работа и им честитам. Горд сум на моите момци и стручниот штаб што извлековме нов тежок натпревар. На крајот важно дека победивме. Ривалството меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер е одлично за македонскиот ракомет.