Вардар со пораз ја отвори новата сезона во Лигата на Шампионите. На гостувањето во Белорусија бевме поразени од екипата на Брест Мешков. Бевме блиску до освојување на бодови, но потфрливме во последните три минути од натпреварот кога домаќинот направи серија од 3:0 и на крајот ги освои бодовите. Вардар треба да жали што не освои најмалку бод од ова гостување. После завршување на дуелот своите впечатоци ги споделија тренерот Алушовски и заменик капитенот, Дибиров.
„Многу е тешко да се зборува кога вака ќе загубите натпревар. Мислам дека денес победи посреќната екипа. Морам да ѝ честитам на екипата на Мешков и на тренерот Алонсо. Мислам дека направивме неколку клучни грешки во последните минути. Не се среќни нашите навивачи, но јас морам да честитам за борбеноста на моите играчи. Мислам дека ни претстои многу работа и мора да гледаме брзо кон следниот меч“, истакна Алушовски.
„Жалиме за поразот. Дефинитивно имаме простор за напредок. Загубивме во последните пет минути. Имавме контрола цели 52 минути, беше и изедначено, па срушивме се во последните пет минути. Мора да се фокусираме на понатамошните предизвици и да работиме. Само така може да ги подобриме резултатите, изјави Дибиров.