Вардар стигна до шесттата победа во СЕХА-лигата, откако пред своите навивачи ја победивме екипата на Мотор Запорожје (44:37). Иако повторно настапивме без неколку играчи, сепак на крајот стигнавме до бодовите. Нова лоша вест за црвено-црните е предвременото напуштање на теренот за Дисингер кој ја свитка ногата. Кокшаров истакна задоволство од победата, нагласувајќи дека и покрај сите проблеми со повредени играчи нема да одат со бело знаме на гостувањето кај екипата на Киелце.
-Напоменав пред стартот на натпреварот дека се соочуваме со проблеми. Одигравме добар меч, на кој цели 40 минути на терен беа главните играчи и на крајот стигнавме до победа. Во бековската линија ни остана само Скубе, веќе втор натпревар по ред играме со крилни играчи на бековските позиции. Сега само размислуваме за дуелот против екипата на Киелце и од утре ќе се подготвуваме за тој дуел. Имаме само две две опции, пред време да се предадеме или да одиме во Полска и машки да се бориме. Ако треба и со голмани ќе играме, но никогаш нема да се предадеме.
Марко Кизиќ имаше добро издание на голот, откако ги замени Гедбан и Кугис кои за 40 минути на голот имаа само една одбрана. Кизиќ стигна до бројката од пет интервенции.
-Мотор дојде со подмладен состав, но пружи голем отпор во најголем дел од натпреварот. Не беше лесно да се освојат бодовите, но успеавме да победиме , иако настапивме без неколку важни играчи. Сепак на крајот е најважно што обезбедивме победа, истакна Кизиќ.