Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар во вториот дел го „скрши“ отпорот на Мотор Запорожје и стигна до шесттиот триумф во СЕХА
Вардар во вториот дел го „скрши“ отпорот на Мотор Запорожје и стигна до шесттиот триумф во СЕХА

Вардар во вториот дел го „скрши“ отпорот на Мотор Запорожје и стигна до шесттиот триумф во СЕХА

Вардар стигна до шесттата победа сезонова во СЕХА-лигата. Вечерва во С.Ц. Јане Сандански, црвено-црните беа подобри од екипата на Мотор Запорожје која ја совладаа со резултат  44:37.

До осмата минута од дуелот се играше гол за гол, а Вардар беше тимот кој успеа прв да стигне до два гола разлика, откако погодија Дибиров и Калараш за водство од 8:6. Црвено-црните не успеаа да се одлепат резултатски, а најголем виновник беше голманот на Мотор Запоржје, Били, кој имаше четири одбрани, од кои две беа после зицер удари на Стоилов и Калараш. Вардар во првото полувреме немаше никаква голманска помош, Гедбан имаше само една одбрана од 15 упатени удари кон неговиот гол, додека Кугис од пет удари немаше ниту една интервенција. Имавме уште во неколку наврати предност од два гола, но екипата од Украина успева со серија од 0:3 да го сврти резултатот во своја корист и да поведе со 12:13. Двете екипи до крајот на првото полувреме се менуваа во предност, а Мотор Запорожје имаше и два гола позитива, но вардарви со серија од 4:2 повторно беа во позитива. Благодарение на голот на Дибиров од седум метри на одмор заминавме со минимално водство од 20:19. Дибиров со 6 и Шишкарев со 5 погодоци беа најефикасни во нашиот состав, после првите 30 минути. Голманот на Мотор Запорожје со осум одбрани одржуваше добар резултат за својот тим.

Во вториот дел успеавме да сврземе два гола по ред, погодија Чупиќ и Пелко за 23:21, додека Кокшаров го внесе на голот младиот Марко Кизиќ, откако и после пет минути игра во второто полувреме, Кугис не запиша одбрана. Во 37 минута од мечот, Вардар за прв пат стигна и до три гола предност (26:23), откако во контра погоди Шишкарев. Веднаш блесна на голот, Марко Кизиќ со две одбрани, од кои беа и чисти удари на Мотор, младиот чувар на мрежата ја дигна публиката на нозе. Дефинитивно, Кизиќ го одлепи Вардар на плус пет гола разлика, со нова трета одбрана, награди со нов гол Шишкарев, за највисоки 28:23 во 39 минута од мечот. Намали за момент гостинскиот тим, но нашиот шампион ги врати двата гола и повторно имаше највисоки пет гола разлика. Денес Вардар беше непогрешлив од ударите за десум метри погодивме 7/7 од кои шест гола беа за Чупиќ. Го контролиравме резултатот, не дозволивме повторно противникот да се доближи, а со новиот гол на Пелко стигнавме и до високи 38:31 на осум минути пред крајот. Шанса доби и Димитроски во последните пет минути, кои ги искористи постигнувајќи два гола, како и Кукуловски кој се запиша во листата на стрелци. На крајот славиме триумф изразен со резултат 44:37.

Повторно не бевме комплетни, Дисингер и Атман иако беа во составот немаа минутажа на теренот, освен неколку минути шанса доби Дисингер, додека во составот не беше Кристопанс. Најефикасен беше Дибиров со 11 голови, додека Чупиќ имаше 9 погодоци. Кизиќ собра повеќе одбрани од Кугис и Гедбан, мечот го заврши со пет интервенции.