Екипата на РК Вардар успеа да слави во дербито на СЕХА-лигата против екипата на Татран Прешов. Црвено-црните во еден израмнет натпревар сепак на крајот подобро се снајдоа и успеаа да победат со резултат 23:21, за десетта победа на Вардар во ова натпреварување. Како што наликуваше на дерби до крајот проследивме неизвесност околу победникот. На прес-конференцијата после завршување на мечот пред медиумите се обрати тренерот на Вардар, Гарсија Парондо кој го изјави следното:
Благодарност до екипата на Татран која одигра квалитетен и одличен меч. Се надевам дека уживаше публиката која беше во салата, како и оние кои беа пред малите екрани. Навистина одличен меч, ние послабо игравме во првото полувреме, додека подобро во вториот дел, каде моите играчи настапија посконцентрирано. Имавме “пех„ со повредени играчи кои ни направија проблем во одбраната. Сепак на крајот сакам да се заблагодарам на моите играчи за победата.
Впечатоците од триумфот ги сподели десниот бек на црвено-црните, Дмитри Кисељев кој го истакна следново:
-Тешка и неизвесна утакмица до самиот крај на натпреварот. Мислам дека и за публиката беше добар дуел. Ова е важна победа за нас, пред крајот на оваа година.