Вардарци доживеа неочекувано висок пораз изразен со 14 голови разлика, на првиот осмина-финален дуел во Лигата на Шампионите против екипата на Веспрем. Црвено-црните одиграа лош натпревар и речиси веќе се елиминирани, без оглед што претстои реванш во Унгарија. Поразот беше изразен со резултат 27:41.
По завршување на натпреварот, на прес-конференцијата се обратија тренерот Алушовски и играчот Векиќ, кои го изјавија следново:
„Најпрво, сакам да му честитам на Веспрем за големата победа во Скопје и без разлика што треба да се игра уште еден меч таму, за пласманот во четвртфинале. Го отворивме мечот многу лошо, во еден момент кога имавме двајца играчи повеќе, примавме голови во серија. Меѓутоа, што е тука е, секогаш треба да се гледа нешто во овој пораз. Треба да се погледнеме во очи по овој тежок пораз, за клубот, за навивачите, за сопственикот. Ќе се потрудиме во четврток да бидеме подобар противник од Веспрем и да бидеме подобро, истакна Алушовски.
„Доста лошо го отворивме мечот, Веспрем го казни тоа со лесни голови и направи разлика која беше тешко подоцна да се стигне. Имавме две ситуации шест на четири во кои не успеевме да се приближиме, па потоа предноста константно растеше. Честитки за Веспрем за заслужената победа“, изјави Векиќ.