Во сабота продолжуваат натпреварите во Лигата на Шампионите за актуелниот освојувач на трофејот во ЛШ. Во С.Ц. Јане Сандански гостува екипата на Кил, единствените со Вардар кои се уште немаат пораз сезонава во најсилната група Б. Ова ќе биде дерби на колото, а во пресрет на овој меч, пред медиумите денес говореа тренерот Писонеро и Дибиров, кои го најавија дуелот со Кил и ги искажаа своите очекувања.
-Натпреварот со Кил е од голема важност за мојот тим. На последните неколку натпревари го анализирав Кил и од тоа што можев да видам е дека се наоѓаат во одлична форма. Подобро играат од последниот наш дуел, кога не победија во полуфиналето на Супер Глоуб Купот. Очекувам многу од овој дуел, со оглед дека играме во Скопје, пред нашите навивачи, кои се надевам дека ќе дојдат во голем број и ќе ни дадат поддршка, истакна Писонеро.
Натпреварот го најави и искусниот Дибиров, кој истакна дека неговата екипа е мотивирана да го победи Кил и да покажат зошто на два пати ја освоија ЛШ.
-Среќен сум што конечно оваа сезона можеме да одиграме натпревар против силен противник, кој е претедент за највисок пласман во нашата група. Искрено, повеќе се плашам кога пред себе имаме екипи со послаб квалитет, затоа што тогаш има работи кои недостасуваат, како преголема самодоверба, или недоволно мотивација. Сакам да видам како Кил ќе одигра и како би можел да не победи нас во Скопје. Подготвени сме за овој натпревар, ќе ја играме нашата игра и не не интерисира силата на Кил. Очекувам да одиграме добар натпревар и да покажеме кој е кој во Лигата на Шампионите. Ако не се правам “фраер“ сега кога имаме освоено две титули во три години, тогаш кога?!, истакна Дибиров на прес-конференцијаа пред присутните медиуми.
Дуелот во сабота ќе стартува од 17:30 часот.