Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Втор тим > РК Вардар Јуниор обезбеди учество на завршниот турнир од купот на Македонија
РК Вардар Јуниор обезбеди учество на завршниот турнир од купот на Македонија

РК Вардар Јуниор обезбеди учество на завршниот турнир од купот на Македонија

Екипата на РК Вардар Јуниор успеа да направи голем резултат и да се пласира на завршниот турнир на најдобрите четири екипи од купот на Македонија. Црвено-црните беа домаќини на својата чевртфинална група, во која беа уште и екипите на Макс Струмица, Пелистер и Младост.

Во спортскиот ракометен центар Кале се одиграа сите натпревари. Најпрво се сретнавме со екипата на Макс Струмица, која полесно од очекувањата успеваме да ја победиме со убедлив резултат од 33:23. Повеќе од заслужена победа за избраниците на Пепи Манасков кои имаа водство во текот на целиот натпревар. Гостинската екипа на два пати само успеа да го израмни резултатот и тоа во воведниот дел од мечот. Со серија од четири последователни гола, започнавме полека но сигурно да се одлепуваме од противникот. Успеавме да поведеме со 6:2, што беше највисоко водство во тие моменти од мечот. Во 20 минута од натпреварот имавме предност и од 15:7, но во последните десет минути, Макс-Струмица успева со подобра игра да го преполови резултатот и на полувреме да се замине со резултат 18:15.

Во првите осум минути од вториот де, Вардарци успеваат да постигнат пет голови, наспроти само еден на противникот, за нова солидна предност од 23:16. Гостинската екипа немаше сила за ново враќање во мечот. На четири минути пред крајот, веќе имавме и двоцифрена предност од 31:21. До крајот на натпреварот по два гола на двете страни, за конечен резултат од 33:23. Најефикасен на овој натпревар беше Поповски со 7 гола, го следеа Андовски и Георгиевски со по 5 погодоци.

Во решавачкиот натпревар за пласман на завршниот турнир на купот се сретнавме со екипата на Пелистер, која ја совладавме со резултат 24:30. Натпреварот започна со наш погодок, на кој Битолчани одговорија со серија од три гола, за предност од 3:1. Набргу Вардар израмнува на 4:4, по што следи период од 15 минути со игра гол на гол на двете страни. Во еден момент, Вардарци го преземаат водството за 9:11, а оваа позитива ја одржуваат се до крајот на првото полувреме, кога на одмор се замина со резултат 13:15.

Во второто полувреме имавме постојано предност и ниту во еден момент не дозволивме Пелистер да ја загрози истата. Како одминуваше мечот, полека но сигурно го зголемувавме водството, во еден момент имавме највисоки 16:20. На теренот го имавме раположениот Вујачиќ, кој дефинитивно беше играч број еден во Вардаровиот состав. Истава позитива ја имавме и на шест минути пред крајот, кога резултатот на семафорот гласеше 22:26, која беше недостижна за противникот до крајот на мечот. Црнагорскиот интернационалец Ристо Вујачиќ со 12 гола го предводеше својот тим до пласман на завршниот турнир оф купот. Георгиевски беше стрелец на 5 погодоци.

Така составот преводен од Пепи Манасков се плаисраше на завршниот турнир на најдобрите четири екипи, што е голем успех за оваа млада екипа. Таму не успеа да се најде РК Вардар 2, додека денес очекуваме својот пласман на Ф4 да го потврди и РК Вардар.