Во борбата за пласман од 9-12 место на светското кадетско ракометно првенство кое се одржува во Хрватска, нашата репрезентација успеа да ја победи силната репрезентација на Унгарија со резултат 22:20.
Одличен натпревар одиграа избраниците на Раде Стојановиќ, кој на крајот беше крунисан со победа. Иако имавме на стартот предност од два гола, следеше период во кој противникот на два пати имаше предност од три гола разлика, последната ваква позитива ја имаа на пет минути пред крајот на првиот дел, но со фуриозен финиш и благодарение на голманските одбрани, Македонија и Унгарија на одмор заминаа со нерешени 12:12.
Игравме добро во вториот дел и како одминуваше натпреварот ја контролиравме играта, успеавме да се одлепиме на позитива од 21:17. Унгарија не се предаде, ја намали нашата позитива, на само еден гол, но бевме сконцентрирани во финишот, постигнавме гол и успеавме да стигнеме до нова победа на мундијалот кој се игра во Хрватска.
Единствениот вардарец, кој е дел од кадетската репрезентација, Марио Стојановски, повторно беше на своето ниво, постигна три гола од исто толку обиди и имаше свој придонес во големата победа.
Вечерва со почеток од 20:00 часот, играме натпревар за пласман на 9.место, а последен противник е репрезентацијата на Чешка.