Кадетите на РК Вардар со максимален број на освоени бодови го завршија есенскиот дел од сезоната, откако денес во последното коло славеа на гостувањето кај екипата на Македонија Ѓ.П, во рамките на групата 1 од кадетската лига.
Домашниот тим се држеше и парираше на Вардар само во првите 30 минути, кога воспоставуваше реултатска рамнотежа. Во овој дел од мечот, избраниците на Будимир имаа постојана предност, која беше активна уште од самиот старт на дуелот. Откако двете екипи го постигнаа својот прв гол, следеше серија на Вардар од 0:3 за предност од 1:4. Сепак противникот не дозволи победникот да биде решен уште во првото полувреме, па во неколку наврати и го израмнуваше резултатот. Стигна Македонија Ѓ.П кога израмни на 5:5, а последното израмнување на мечот беше при резултат од 6:6. Сепак квалитетот беше на страната на Вардар, па црвено-црните кога и да го засилија темпото успеаа да се одвојат од противникот. Пред крајот на првиот дел ги вративме оние три гола позитива од стартот на натпреварот, кога поведовме со 7:10, а по истекот на првите 30 минути имавме водство од 9:11.
Домаќинот на овој дуел го загуби чекорот со вардарци, на стартот од второто полувреме, кога Вардар направи серија од 0:4 и веќе имаше највисоки 9:15. Тоа беше знак дека нашите кадети и денес ќе забележат уште една убедлива победа. Одбраната започна максимално да функционира, што ни овозможуваше брзи и лесни голови од контра-напади. Веќе по десет минути игра во вториот дел имавме високи 11:20, што значеше дека остатокот од дуелот ќе биде рутина за нашите млади надежи. Стигнавме и до двоцифрена предност, а домашниот тим иако се обидуваше да направи нешто повеќе, на крајот мораше да се помири со висок пораз, изразен со резултат 18:30.
Најефикасен во нашиот состав беше Дамјан Димитријевски со 8 голови, додека Бојан Чакалиќ постигна 6 голови, Давид Савревски беше стрелец на 5 гола. Симон Калајџиески додаде 3, по 2 гола постигнаа Велимир Грујовски и Андреј Пешевски, додека по 1 постигнаа Андреј Трајановски, Давид Мирчевски, Филип Атанасовски и Дамјан Србиновски. Ова беше вкупно осма победа од исто толку одиграни натпревари за избраниците на Будимир во есенскиот дел, со што убедливо се наоѓаат на првото место во својата група.