Friday ,03 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Кадетите на РК Вардар го победија Младинец 2015 и го потврдија пласманот на завршниот турнир

Кадетите на РК Вардар го победија Младинец 2015 и го потврдија пласманот на завршниот турнир

Кадетите на ракометниот клуб Вардар стигнаа до нова победа во рамките на групата 2 од лигата. Нашите надежи во ова коло ја совладаа екипата на Младинец 2015. Овој натпревар се одигра во Кочани.

Натпреварот со гол го отвори домашниот тим, по што следеа минути каде двете екипи играа гол за гол. Сепак Вардарци беа првите кои почнаа резултатски да се одлепуваат и во два наврати имаа предност од два гола (3:5 и 4:6). До последните седум минути од првото полувреме, екипата на Младинец одржуваа резултатска рамнотежа, по што избраниците на Грчевски и Чивлачки имаа фуриозен финиш, кога направија серија од 1:6 и на полувреме заминаа со солидна предност од 10:16.

И второто полувреме започна со гол на противникот за намалување на резултатот, но Вардарци прават нова серија од три погодоци и зголемуваат на високи 11:19. Сите дилеми околу конечниот победник беа решени кога црвено-црните стигнаа до двоцифрена предност од 14:24. Во следните пет минути правиме уште една серија од 1:4 и зголемуваме на највисоки 15:28. Како се ближеше крајот на натпреварот предноста се повеќе растеше, за на крај да биде изразена со конечен резултат од 18:37.

Најефикасен во победата беше бекот Филип Николов со 8 голови, додека Христијан Милошески постигна 7. Ова беше четврта последователна победа за нашите кадети во пролетниот дел од сезоната. Во овој дел од натпреварувањето ги совладавме екипите на Пролет 62, Бисинов-Вардар, Вардар-Неготино и сега тимот на Младинец 2015. Ова беше вкупно осма победа за црвено-црните. До крајот на регуларниот дел од сезоната останува за одигрување уште едно коло и тоа дербито против тимот на Металург. Овие две екипи ќе играат на завршниот турнир во кадетската лига.

РК Вардар: Ќосевски 3, Игнов 3, Динев 2, Антевски, Миланов 5, Давитковски, Милошески 7, Стојковски 1, Мазниковски 5, Тушев, Манев 1, Кизиќ, Олтовски 2, Нанов, Николов 8, Стојановски.