Tuesday ,23 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Кадетите на Рк Вардар Јуниор “супериорни“ на стартот на турнирот “Вардар-еден живот, една љубов“
Кадетите на Рк Вардар Јуниор “супериорни“ на стартот на турнирот “Вардар-еден живот, една љубов“

Кадетите на Рк Вардар Јуниор “супериорни“ на стартот на турнирот “Вардар-еден живот, една љубов“

Кадетите на Рк Вардар Јуниор со две победи стартуваа на второто издание на турнирот “Вардар-еден живот, една љубов“ кој е во организација на нашиот ракометен клуб. Избраниците на Чивлачки имаа сериозен пристап на двата дуела и сосема заслужено забележаа победи. Двата меча се одиграа во спортскиот ракометен центар Кале.

Во првиот натпревар се сретнавме со екипата на Опш. Кисела Вода Вардар 2 и остваривме победа со само еден примен погодок, или конечниот резултат на овој меч гласеше 19:1. Уште поинтересно е што противникот својот прв гол го постигна во последната минута од натпреварот. Натпреварите се играат во две полувремиња, по вкупно 20 минути. По првиот дел црвено-црните имаа водство од 10:0.

Во второто полувреме само продолжи нашата серија на постигнување голови, најчесто преку брзи контра-напади. На голот го имавме одличниот Кизиќ, кој не дозволуваше неговата мрежа да се затресува. Најефикасен на натпреварот беше Лука Благопетров со 6 постигнати голови, додека Христи Биковски додаде 5 погодоци.

Рк Вардар Јуниор: Брунчевиќ, Кизиќ, Каранфиловски 2, Николовски 1, Тевдовски, Карапалевски, Антевски 3, Нанов, Биковски 5, Ќосевски, Благопетров 6, Ангелковски, Мајсторовски, Динев и Гроздановски 2.

Во вториот натпревар од својата група нашите кадети вечерва во истава сала одиграа уште еден меч, противник беше тимот на Академија 1, против кој забележавме триумф со резултат 23:13. Противникот одржуваше резултатска рамнотежа само во првиот дел, кога резултатот на семафарот гласеше 9:6. Иако мора да се потенцира дека Вардар имаше постојана предност, која ниту во еден момент не беше загрозена. На почетокот на дуелот направивме серија од 4:1. Во средината на првиот дел, противникот се доближи на два гола негатива 6:4. До крајот на првото полувреме, најпрво црвено-црните постигнаа три голови во серија, додека Академија врати со два погодоци, за на полувреме да се замине со наша предност од 9:6.

Во првите пет минути на вториот дел Академија 1 успеваше некако да се држи на оваа негатива од три голови, од моментот кога успеваме со нова серија да зголемиме на највисоки пет голови 15:10. Се обидуваше противникот да се врати во игра со два погодоци во серија, но нашите кадети одговараа со поголема серија, за во еден момент резултатот да гласи 20:12. Последните неколку минути ги одигравме рутински и без поголеми проблеми го добивме и вториот натпревар во групата.

Благоја Антевски одигра одлично постигнувајќи 7 гола, додека Тони Атанасовски постигна 5 голови.

Рк Вардар Јуниор: Брунчевиќ, Кизиќ, Каранфиловски, Николовски, Атанасовски 5, Тевдовски, Карапалевски, Антевски 7, Нанов 2, Биковски 3, Ќосевски 1, Благопетров 2, Ангелковски 1, Мајсторовски 2, Динев, Гроздановски.