Кадетската ракометна репрезентација се наоѓа на силен меѓународен турнир во Бугојно „Ракометот е мојата иднина“ на кој во текот на вчерашниот ден одигравме два натпревари, на кои забележавме по една победа и пораз.
Турнирот го отворивме со натпревар против силната репрезентација на Германија, од која загубивме со резултат 24:31. Тоа беше натпревар со две различни полувремиња. Во првото, избраниците на Данило Брестовац во два наврати имаа предност и од четири голови разлика, но до крајот на првиот дел, противникот се избори за негатива од само еден гол (16:15). На стартот на вториот дел, Германија направи серија од 0:4, додека ние првиот гол го постигнуваме по дури седум минути игра. Македонија пак се врати во игра, но не успеа да реализира неколку добри позиции, што противникот успешно го казни, кој се одлепи на пет гола разлика, благодарение на кои влезе во мирна завршница.
На вториот дуел кој се одигра вечерта, Македонија ја покажа својата сила и во еде одличен меч ја „прегази“ селекцијата на Србија, со конечни 35:26. Уште во првото полувреме ја најавивме победата, кога резултатот на семафорот гласеше 16:7.
Во победата против Србија свој придонес дадоа и играчите кои доаѓаат од Вардар. Се работи за голманот Андреј Петковски кој имаше 2 одбрани, исто толку голови постигна и Игор Ѓорѓиев, додека Ален Ќосески беше стрелец на еден гол. Во составот беш уште и Мартин Карапалевски кој не постигна гол.
Денес со почеток од 13 часот, Македонија ќе “брка“ полуфинале на турнирот, а за тоа е потребна победа над селекцијата на Швајцарија.