Ракометниот клуб Вардар не се прослави многу во сезоната која помина, со оглед дека го освои 3.место во Супер Лигата, утеха е секако освојувањето на Купот на Р.Македонија со победата во големото финале против екипата на Еурофарм Пелистер.
Се уште не е познато како ќе изгледа тимот во новата натпреварувачка сезона, до овој момент единствен трансфер кој се официјализира беше доаѓањето на Стефан Петриќ од екипата на Партизан, иако македонските медиуми изминатиов период шпекулираат и со нови играчи кои во новата сезона треба да го носат црвено-црниот дрес.
Од поодамна беше најавен играчот на Металопластика, левото крило, Марко Срдановиќ, додека последниве денови со Вардар се поврзуваат уште двајца интернационалци. Еден од нив е португалецот, Виктор Мело, кој веќе во изјава за португалските медиуми истакна дека ќе биде дел од Вардар во новата сезона, а другиот играч кој исто така игра на позицијата лев бек доаѓа од Куба, се работи за Ансер Родригез, кој има 21 година и беше прогласен за МВП, односно најкорисен играч на последниот шампионат во април за земји во развој, каде Куба стана првак. За Родригез се уште нема потврда, ниту од клубот, ниту од самиот играч дека може да биде најново засилување за црвено-црните.
Со трансфер во Вардар се поврзува и босанскиот пикер, Владимир Врањеш. Официјално Вардар го напуштија Куни Моралес и Филип Талески.
Останува да видиме во наредниов период, кои ќе бидат следните новитети со двократниот Европски Шампион, се надеваме на нови засилувања кои и официјално ќе бидат претставени од клубот.