Селекторот на шпанската ракометна репрезентација, Жорди Рибера се одлучи со кои 17 ракометари ќе патува на Европското првенство, кое во периодот од 12-26-ти јануари ќе се игра во Хрватска. Во овој состав се најде и единствениот вардарец, се работи за Жоан Кањелас кој со сигурност патува на ЕП. Од првичните 19 играчи кои беа од стартот на подготовките, селекторот на “фуријата“ се реши од составот да ги “прешкрта“ голманот Хернандез и пикерот Базан. Изненадувачки во 17-те патници на ЕП ќе го нема моментално најдобриот голман во Европа, Арпад Штербик, како и Хорхе Македа кој игра одлична сезона во црвено-црниот дрес. За Шпанија ќе настапи и поранешниот вардарец, десниот бек Алекс Душебаев кој моментално настапува за екипата на Киелце. Инаку Кањелас и на последниот мундијал беше присутен во репрезентацијата на Шпанија и тоа на Светското првенство кое минатата година се одигра во Франција, на кое токму домашната селекција стигна до златниот медал.
Ова се играчите кои ќе настапат за Шпанија на ЕП: Гонзало Перез де Варгас, Родриго Коралес, Ангел Фернандез, Валеро Ривера, Жоан Кањелас, Виран Морос, Иосу Гони, Даниел Душебаев, Раул Ентрериос, Даниел Сармиенто, Едуардо Гурбиндо, Алекс Душебаев, Феран Соле, Давид Балагуер, Хулен Агинагалде, Гедеон Гвардиола и Адриа Фигуерас.
Од утре до недела, селекцијата на Шпанија ќе биде домаќин на силен меѓународен турнир, кој ќе претставува последна подготовка, пред стартот на натпреварите на ЕП во Хрватска.