Европскиот првак, РК Вардар утре го пречекува каталонскиот тим Барселона во С.Ц “Јане Сандански“-Скопје. Овој дуел е битка за првото место во групата А која во моментот со меч повеќе ја има германски Р.Некар откако триуфираше над ППД Загреб. Натпреварот е од посебно значење за Жоан Кањелас кој е роден Каталонец, неговите почетоци се врзани за Барселона, но кариерата ја градеше “надвор“ од неа, а веќе две сезони е дел од црвено-црниот тим.
Играв за Барселона 3 години и таму го потпишав првиот професионален договор во мојата кариера. Сепак, времето поминато таму беше тешко за мене, бидејќи имав мала минутажа со оглед на играчите со кои располагаше екипата во тој период. Дуелите против Барселона се специјални за мене, бидејќи имам многу пријатели и репрезентативни колеги на спротивната страна. Барселона има скоро ист тим како минатата сезона, добро знаеме колку се силни. Мислам дека имаат најдобрата одбрана, благодарение на нивните одлични голмани. На завршниот Ф-4 во ЛШ ги победивме во последната секунда, но на Супер Глоуб, имавме шанси, но сепак Барселона беше подобра во финишот. Што се однесува до нашите шанси во сабота, верувам дека ќе одиграме уште еден интересен меч. Се надевам дека со поддршка на фановите ќе дојдеме до двата бода и ќе го осигураме првото место.