Тројца играчи на Европскиот шампион од недела се наоѓаат на собир со репрезентацијата на Хрватска, во пресрет на ЕХФ неделата. Тоа се Игор Карачиќ, Лука Циндриќ и Иван Чупиќ кои беа повикани од селекторот, Лино Червар. Средниот бек на Вардар во интервју за хрватскиот весник, “Јутарњи лист“, зборуваше за настапите во Вардар и за собирот со репрезентацијата на Хрватска.
-Вардар игра во одлична форма, а она што го направивме во последните две сезони ни донесе сигурност во играта и самодоверба дека можеме да се надигруваме со кој било. Одлично се чувствуваме, задоволни сме од прикажаното и ќе се обидеме да продолжиме во исто темпо. Важно за мене е клупската форма да ја пренесам и на репрезентативните настапи, особено пред Европското првенство во јануари. Со Лино имавме два собири и мислам дека сме на вистинскиот пат.
Вардар имаше добар старт на сезоната во СЕХА и лигата на шампионите, каде ги браниме трофеите кои ги освоивме минатата натпреварувачка сезона. Карачиќ истакна дека цел на црено-црните е да го освојат првото место во најсилната група, со што би имале полесен пат до нов завршен турнир во Келн.
-Нашата желба е да ги одбраниме трофеите во сите натпреварувања. Сакаме да ја освоиме СЕХА лигата и така и се поставивме на стартот. Во Лигата на шампионите немавме среќа да ја победиме Барселона со повисока разлика, а имавме можност за тоа. Но, добро е и вака. По ЕХФ неделата ни следува гостување кај Кристијанштад, па два меча против Рајн Некар и гостување кај Барселона. Сакаме да ја обезбедиме првата позиција на табелата за да си го скратиме патот до Келн, каде сакаме да ја одбраниме титулата од минатата година.