Вардарци и шестта последователна сезона ќе бидат дел од најголемото ракометно натпреварување, Лигата на Шампионите и повторно дел од најсилните две групи. На 29-ти јуни во Виена ќе биде извлечена ждрепката за групната фаза, по што ќе бидат познати противниците на црвено-црните во овој прв дел од ЛШ. Едно е јасно дека Вардар нема да биде заедно во група со екипата на ПСЖ, со оглед дека двете екипи се наоѓаат во првиот барабан.
Можен противник на Вардар од вториот барабан ќе биде екипата на Киелце или Пик Сегед. Нема многу разлика во квалитетот на овие две екипи, со оглед дека Сегед во новата сезона ќе биде осетно засилен за поранешните вардарови играчи, Кањелас и Македа, како и последното најзвучно засилување кое пристигна токму од екипата на Килеце, тоа е Деан Бомбач. Тој ќе ја дополни словенечката колонија во Пик Сегед, откако таму ќе настапуваат и Хенигман, Габер, Скубе и Шоштариќ. Киелце претрпе неколку промени во играчкиот кадар, а најзвучното засилување доаѓа токму од Вардар, се работи за Лука Циндриќ. Во третиот барабан се екипите на Барселона и Фленсбург, кој се добро познати на Вардар, екипи кои минатата сезона не успеаа да се пласираат на завршниот турнир. Од четвртиот барабан можни противници се екипите на Скјерн и Брест Мешков. Данците важеа за пријатно изненадување во сезоната која помина, кога успеаа во осминафиналето да го елиминираат тимот на Веспрем, додека во четвртфиналето налетаа на екипата на Нант, која подоцна и стана вицешампион на Европа. Брест Мешков пак направи голема реконструкција во својот тим, засега се потврдени седум заминувања на играчи од белорускиот шампион. Тоа се Стојковиќ, Мијатовиќ, Игропуло, Никуленков, Ѓукиќ, Продановиќ и Олег Астрашапкин. Потврдено е доаѓањето на Дарко Ѓукиќ, десното крило кое доаѓа од тимот на Киелце, како и Сандро Обрановиќ и Шиме Ивиќ.
Од петтиот барабан ќе ги чекаме екипите на ППД Загреб или Веспрем. Со години наназад, Веспрем е еден од фаворитите за освојување на ЛШ, но тоа засега не им успева. Љубомир Врањеш имаше неуспешна дебитанска сезона со Веспрем во ЛШ, откако беше елиминиран во осминафиналето од Скјерн, а за да биде сезоната уште полоша се погрижи и Пик Сегед, кој по неколку години доминација им ја одзема и титулата во домашното првенство. Веспрем продолжи со засилувања и летото откако ги донесе Штербик, како најзвучно име, потоа и Штрлек, Рене Тофт Хансен, Кентин Мае и Машковчек. Од тимот заминаа Мирко Алиловиќ, Тимушин Шуч, Ренато Сулиќ и Кристијан Угалде. За ППД Загреб се уште е неизвесно кој ќе биде нивни предводник од клупата откако си замина Сарачевиќ, а како негова алернатива најчесто се споменува Лино Червар. Досега нови играчи кај Загреб се Сењамин Буриќ, Грегор Поточник, Давид Мандиќ и Филип Вистороп. Во шестиот барабан се екипите на Мотор Запорожје и актуелниот шампион на Европа, екипата на Монпелје. Шампионот на Украина ќе биде дебитант во најсилните групи, откако претходната сезона беше дел од послабите групи во ЛШ. Знаеме дека за овој тим потпиша репрезентативецот на Македонија, Жарко Пешевски, додека за Монпелје не треба да се трошат зборови како атуелен првак и тоа дека го задржа цел играчки кадар со само една и единствена промена и тоа на пикерската позиција, тимот го напушти Лудовик Фабрегас кој се сели во Барса. Во седмиот барабан се екипи кои му се познати на Вардар и кои изминативе сезони често се среќавме со нив во групната фаза, тоа се Кристијанштад и Целје, кои се со израмнет квалитет. Словенците се драстично ослабени за голманот Лесјак, кој замина во Хановер и за Машковчек кој е нов играч на Веспрем. Во последниот осми барабан се екипите на Рајн-Некар и Нант, екипи кои беа противници на Вардар во најсилната група и во сезоната која помина. Рајн-Некар исто така направи промени во својот играчки кадар, од екипата се заминаа Рниќ, Близнак, Трост, Пекелер, Рајнкинд, Баена и Екдал Ду Риц. Новајлии во тимот кој засега се потврдени се Липовина, Абутовиќ, Фет, Колбахер и Нилсен.
Како и да биде изгледот на групата во која ќе биде Вардар, сигурно е дека повторно ќе гледаме врвен ракомет и во новата сезона, а црвено-црните повторно ќе атакуваат на пласман на Ф4 во Келн и ќе се обидат да го повторат успехот од сезоната 2016/17.