Во текот на вчерашниот ден се комплетираше 1.коло во ракометната “Јуниор“ лига. Градот Прилеп беше домаќин на останатите четири натпревари, од кои три беа во машка и еден во женска конкуренција.
Во машкиот дел се одиграа три натпревари во три различни возрасни генерации. Кај највозрасните, генерација родени 2004/05 година екипата на Карпош Вардар од Куманово го совлада тимот на Филип-Вардар од Прилеп и тоа убедливо со резултат 38:15. Уште од стартот на мечот, кумановчани најавија дека че остварат триумф на овој дуел, кога поведоа со 4:0, водство кое го зголемуваа константно како одминувапе натпреварот. Домашниот тим најмногу што успеа да стори е да намали на 6:3, по што следеше голема серија на Карпош од 9:1 за да стигнат до двоцифрена предност од 15:4. Последниот гол во првото полувреме го постигна Филип-Вардар, за на кратка пауза да се замине со резултат 15:5.
И во второто полувреме подобар старт имаше Карпош кој ги постигна првите два гола и зголеми на 17:5. Како одминуваше второто полувреме, нагло растеше предноста за Карпош, кој на крајот заслужено славеше убедлива победа. Најдобар стрелец очекувано кај победничкиот тим беше Давид Димевски кој постигна 12 голови, додека Марио Бошковски имаше 10 погодоци.
РК Филип Вардар стигна до победа кај генер. 2006/07 во дуелот со екипата на Делчево, која ја совлада со резултат 14:7. Тука од стартот на мечот, прилепчани ја имаа предноста и контролата на резултатот. Поведоа со 2:0 за екипата на Делчево да намали на 2:1, по што следеа два последователни погодоци за Филип-Вардар за водство од 4:1.До крајот на првото полувреме ја зголемија предноста на 7:3. Победникот беше решен во првите пет минути од вториот дел кога домашниот тим направи серија од 5:0 и поведе со 12:3. До крајот рутина за Филип-Вардар кој стигна до триумф на меч од Јуниор лигата.
Кај најмладата возрасна генерација 2008/09 до победа стигна екипата на Бисинов од Велес кој ги совлада РК Седмерец од Охрид со резултат 8:5. Велешани славеа со пресврт во второто полувреме, откако по првиот дел Седмерец имаше минимално водство од 3:4, а во текот на првиот дел имаа и предност од 1:3. Сепак на стартот на второто полувреме, Бисинов постигна три последователни голови и поведе со 6:4. За момент, тимот од Охрид намали на 6:5, но подобри во финишот беа Бисинов кои славеа победа со резултат 8:5.
Еден натпревар се одигра во женскиот дел, кај генерацијата 2006/07 година. Во еден интересен натпревар екипата на Кале од Кичево славеше во дуелот со екипата на Делчево Вардар, со резултат од 15:18. Во најголем дел од првото полувреме се играше гол за гол на двете страни, но во последните пет минути од првиот дел, екипата на Кале се одлепи на два гола разлика (6:8), а истава позитива ја имаа и по првото полувреме (8:10).
Првиот гол во вториот дел беше за тимот на Кале кој зголеми на највисоки три гола разлика (8:11). Екипата на Делчево не се предаде и внесе неизвесност на мечот кога намали на 12:13, но следеше серија на Кале од два погодоци за повторно да имаат предност од 12:15. Истата позитива ја одржуваа до крајот на натпреварот и славеа победа.