*Во периодот од 15-17-ти-декември две генерации на ракометниот клуб Вардар беа дел од сигурно еден од посилните меѓународни турнири, “Ломотива куп 2017“ кој се играше во Брчко.
Кадетите на РК Вардар може да се каже дека направија успех на овој турнир, пласирајќи се на крајот на 9 место од вкупно 24 екипи во оваа возрасна генерација, играчи родени 2002/03 година. Во оваа генерација првите две места им припаднаа на екипите од Хрватска, Дуго Село и ППД Загреб кои играа во големото финале, а поуспешна беше екипата на Дуго Село, тоа беше противникот кој го елиминраше Вардар во осминафиналето на турнирот, што говори за каква силна и квалитетна екипа била во прашање. Бронзенот медал им припадна на Крка од Словенија, која во малото финале го порази тимот на Израел, кој доаѓа токму од оваа земја. Послабо пласирани од Вардар пак беа двете екипи на Веспрем кои учествуваа на турнирот, токму една од нив, односно Веспрем (1) беше совладан од избраниците на Андријана Будимир во борбата за пласман. Послаби од нашиот состав на овој турнир беа и сите четири екипи, кои доаѓаат од Босна и Херцеговина, потоа екипи како Партизан и Војводина, Татран Прешов и уште многу други. Вардаровите кадети на турнирот одиграа вкупно пет натпревари, на кои забележаа три победи и два порази. Совладани беа екипите на Партизан, Спачва и Веспрем, додека ги загубивме дуелите со Борац од Бања Лука и оној во осминафиналето од шампионот на турнирот, екипата на Дуго Село, која е шампион и во својата земја во оваа возрасна категорија.
Пионерите на Вардар за кои ова беше прво меѓународно искуство и пред се голем предизвик завршија на претпоследното 17 место, во конкуренција на 18 екипи кои се натпреваруваа во генерацијата родени 2004/05 година. Првото место му припадна на Максимир од Хрватска, кој во финалето беше подобар од Мокерц (Словенија). На турнирот одигравме исто така пет натпревари, на кои остваривме една победа и тоа за избегнување на последната позиција, против екипата на Грачаница, еден нерешен резултат против Тримо, додека поразени бевме во дуелите со екипите на ППД Загреб, Слобода и Извиѓач. Со оглед дека ова е нова генерација на Вардар, која ја сочинуваат играчи кои настапуваат во школите, кои се натпреваруваат во “Јуниор“ лигата и се заедно не повеќе од три месеци, реално беше да се очекува ваков конечен пласман. Сепак ова беше големо искуство за овие млади момчиња кои допрва треба да ги покажуваат своите квалитети, а нивниот предводник кој не беше на турнирот, Зоран Петковски сигурни сме дека ќе успее да направи добра генерација, која треба од следната сезона веќе да ги покажува вистинските игри и изданија.