Saturday ,20 April 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Александар Костовски: За добиената награда заслужна е мојот тренер, Миленковиќ, “Јуниор“ лигата е од големо значење за нашата школа
Александар Костовски: За добиената награда заслужна е мојот тренер, Миленковиќ, “Јуниор“ лигата е од големо значење за нашата школа

Александар Костовски: За добиената награда заслужна е мојот тренер, Миленковиќ, “Јуниор“ лигата е од големо значење за нашата школа

На четвртото издание на најголемиот младински турнир “Вардар, еден живот, една љубов“ познат е пласманот на екипите, во машкиот дел кај генерацијата родени 2004/05 година. Тука првото место успеа да го освои тимот на Карпош од Куманово кој во големото финале ја совлада екипата на Бисинов од Велес. Во борба за третото место, Илинден успеа да го совлада тимот на ГРК Гостивар. Петтото место во оваа возрасна категорија е за РК Ангели кој го доби мечот со екипата на Урдаревски. По одигрување на завршните натпревари се правеше избор на најдобриот тим на турнирот, а во него се најде Александар Костовски, кој е член на ракометната школа-Ангели од Ѓорче Петров. Тој доби награда за најдобар среден бек.

vardarfans-igra

-Јас тренирам ракомет од моите 8 години, а започнав во ракометната школа на Металург под водство на Силвана Миленковиќ, со која моментално работам во РК Ангели. Школата функционира од 2003 година и во моментов има над 50 деца, на возраст од 2002 до 2009 година. Тренинзите се одржуваат во ОУ „Мирче Ацев” и во спортскиот центар „Христо Батанџиев”.

Ракометната школа, Ангели од 2016 година е дел од Академијата на Вардар, а оваа сезона се приклучија и на натпреварите од “Јуниор“ лигата. Костовски го потенцира големото значење за неговата школа, која има можност да биде дел од лига, во која се натпреваруваат голем број на екипи.

-Ова ни е прва сезона во “Јуниор“ лигата во која се натпреваруваат добри екипи. Секако дека ова е големо искуство за нас, кои можеме да учиме и континуирано да напредуваме за време на натпреварите. Лигата е добро осмислена, проект на РК Вардар, кој треба да го следат и другите поголеми клубови во Македонија. Интересно е тоа што нивна цел е да ги обединат сите школи од Македонија да играат во “Јуниор“ лигата, со што би се подигнал квалитетот на овој спорт во државава и секако би се зголемил интересот кај децата да започнат да тренираат ракомет. Лигата е од големо значење за нас како школа и има само позитивно влијание во однос на натпреварувачкиот “дух“.

Покрај натпреварувачки карактер, лигата ги обединува и здружува децата од сите ракометни школи, а највпечатливото е присуството на мечевите на ракометните екипи на Вардар, во Лигата на Шампионите.

-Кога имаме натпревари, исто така се дружиме и запознаваме со деца од другите ракометни школи и споделуваме знаења околу ракометната игра. Исто така можеме да ги следиме мечевите на двете ракометни екипи на Вардар, во СЕХА и Лигата на Шампионите, што е исто така еден од поубавите моменти, во врска со нашето приклучување и играње во “Јуниор“ лигата.

На турнирот “Вардар, еден живот, една љубов, петтото место го завзема екипата на Илинден, во категоријата 2004/05. Тие на турнирот одиграа четири натпревари, на кои имаа три победи и еден пораз.

-На турнирот освоивме петто место, но мислам дека не дадовме се од себе и тоа не е реален резултат на нашите можности. Одигравме добар натпревар во првото коло, против екипата на Илинден, која се смета за една од најдобрите школи во оваа генерација, натпревар, на кој во најголем дел од мечот одржувавме резултатска неизвесност, сепак во последниот дел од мечот, Илинден постигна неколку голови во серија и го реши победникот. Во второто коло од групата, убедливо го совладавме тимот на Асови (24:8), натпревар на кој постигнав двоцифрен број на голови. Во третото последно коло, се сретнавме со тимот на РК Будимир, кој во еден квалитетен меч ги совладавме со четири голови разлика. 

vardarfans-21

-Сепак ова не беше доволно за пласман во полуфиналето, решавачки се покажа поразот во првото коло од екипата на Илинден. На тој начин нашата екипа разигруваше за пласман и се бореше за петтото место на турнирот. Таму се сретнавме со екипата на Урдаревски, дуел на кој немаше многу голови, но ние триумфиравме со резултат од 11:6. Се на се, позитивни впечатоци од нашите мечеви, иако ќе напоменам не сум целосно задоволен од прикажаната игра, бидејќи нашата екипа мислам дека може до многу подобри резултати.

Наградата за најдобар среден бек на турнирот, му припадна токму на Костовски, кој беше најдобар стрелец на својот тим, на споменатиот турнир.

-Со оглед дека не влеговме во борба за медал, искрено не ја очекував наградата за најдобар среден бек. За истата е заслужна  мојот тренер, Силвана Миленковиќ, која многу ми помогна да напредувам. Наградава ми дава поттик да давам повеќе од себе на тренинзите и натпреварите на мојата екипа, да забележуваме подобри резултати.

Звонко Ивановски