Денес стартуваше Европското ракометно првенство, кое за прв пат во историјата се одржува во три земји.
Настап имаше еден вардаров играч, се работи за еден од најдобрите, тоа е Даинис Кристопанс кој со репрезентацијата на Летонија го имаше своето деби на големите натпреварување. Иако Кристопанс беше најефикасен на мечот, тоа не беше доволно за да се изненади големиот фаворит. Цело прво полувреме, Летонија даде силен отпор кога одржуваше и резултатска рамнотежа, сепак во вториот дел, Шпанија со серија од 7:0 се одлепи на поголема разлика и рутински го реши натпреварот. Летонија започна одлично во овој меч и имаше предност од 0:3, но бргу „фуријата“ се консолидираше па со серија на погодоци го израмни резултатот на 4:4. Се играше гол за гол на двете страни, се до 25 минута, кога Шпанија направи серија од 4:1 и на полувреме замина со предност од 14:11.
Шпанија добро го отвори второто полувреме, кога се одлепи на плус пет гола (16:11), но благодарение на головите на Кристопанс, Летонија се доближи на само два гола негатива (18:16). Сепак, искуството од големите натпреварувања беше пресудно за конечниот победник на овој меч. Шпанците постигнаа седум последователни голови и зголемија на убедливи 25:16. Се беше до крајот рутина за Шпанија, која славеше триумф со резултат 33:22.
Кристопанс постигна најмногу голови, вкупно седум од десет обиди кон противничкиот гол.