Трета победа на исто толку одиграни натпревари за екипата на РК Вардар 2 во рамките на првата ракометна лига. Вчера избраниците на Зоран Петковски имаа гостување во Штип, против екипата на Текстилец. Во текот на целиот меч имавме постојано водство и на крајот заслужено стигнавме до победата. Само на моменти домашниот тим се закануваше на нашата предност, но младиот состав на Вардар покажа дека е поквалитетен и не дозволи изненадување. Најефикасни во нашиот состав со по 5 постигнати голови беа капитенот Дамјан Крстевски и еден од поискусните во екипата Стефан Крстевски. Ова е втора сезона за кадетскиот репрезентативец на Македонија во првата ракометна лига. Минатата сезона беше дел од составот кој го предводеше тренерот Стојан Петрушевски.
-Задоволен сум од победата, знаевме дека не очекува една тешка утакмица со Текстилец и дека е една екипа која тешко се победува на домашен терен. Сепак нас тоа не ни беше битно, мислам дека бевме многу подобар противник и заслужено победивме. Оваа сезона ја почнавме многу успешно и се надевам дека ке го повториме минатогодишниот успех, на кратко изјави Стефан Крстевски за нашиот сајт.
Звонко Ивановски