Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Кристијан Лазов: Оваа екипа има потенцијал и знаење да одговори на сите предизвици оваа сезона и да оди еден чекор понапред

Кристијан Лазов: Оваа екипа има потенцијал и знаење да одговори на сите предизвици оваа сезона и да оди еден чекор понапред

Втора последователна сезона екипата на РК Вардар 2 ќе биде дел од првата ракометна лига. Тоа е екипа составена од млади играчи кои минатата сезона беа дел од младинските категории на ракометниот клуб Вардар. Ова е едно големо искуство за овие млади ракометари, кои во иднина треба да се наметнуваат во првиот тим на РК Вардар. Екипата ќе ја предводи Зоран Петковски, кој ќе се обиде да го повтори успехот на неговиот колега, Стојан Петрушевски кој го освои вицешампиоското место во ова натпреварување. Главните подготовки Вардарци ги одработија во Маврово, по што продолжија со тренинзи во спортско рекреативниот центар Кале. Одигравме неколку подготвителни натпревари, кои ни послужија за подобро воигрување и подигнување на формата пред стартот на сезоната. Еден од адутите на тренерот Петковски во оваа сезона ќе биде пикерот Кристијан Лазов кој за нашиот сајт ги сподели очекувањата за новата сезона, како и поминатиот подготвителен период со екипата.

-Одлично поминавме на подготовките во Маврово, каде што сите работевме многу напорно. Во новата сезона пред се очекувам да го повториме успехот од претходната сезона и оваа екипа има потенцијал и знаење да одговори на сите предизвици оваа сезона и да оди еден чекор понапред – влез во супер лигата. Најголемиот адут е борбеноста во одбрана и брзата игра во напад. Во подготвителниот период одигравме 7 натпревари во кои забележавме 4 победи, една нерешена и 2 порази. Овие натпревари беа од големо значење за нас и за нашата игра каде што од натпревар во натпревар ја темпиравме формата за стартот на сезоната, игравме се подобро и подобро.

Во сабота ја отвараме сезоната на гостувањето во Струга, против истоимената екипа. Се работи за квалитетен противник, против кој мора да одиграме добро во текот на сите 60 минути.

-За натпреварот со Струга можам да кажам дека не очекува многу тешко гостување, каде што треба да одиграме многу ангажирано, дисциплинирано и тимскиот дух треба да биде на завидно ниво за да се вратиме со трите бода во Скопје, изјави Кристијан Лазов за нашиот сајт.

Звонко Ивановски