Капитенот на Македонија и играчот на Барлсеона, Кирил Лазаров беше најефикасен играч во својот тим, но ниту неговите шест голови не беа доволни да се победи екипата на Вардар. Во моментите кога црвено-црните имаа водство од 1-2 голови, Лазаров беше играчот кој постигнуваше голови и ја одржуваше Барселона во мечот. Со неговиот погодок, на 17 секунди пред крајот, противникот успеа и да го израмни резултатот, но им пресуди Лука Циндриќ, кој речиси во последните секунди со силен удар успеа да го совлада Варгас и да ја победи Барселона. Лазаров за медиумите изјави дека Вардар заслужено победил и му посака среќа во финалето.
-Вардар заслужено победи, не можам да кажам дека не е заслужено. Имаа спортска среќа, но мислам дека и ние да победевме немаше да биде незаслужено. Веќе неколку години ни се случува исто во последните секунди, истото ни се случи во полуфиналето против Флензбург, но тоа е спортот. Навивачите нека уживаат, што е тука е, му посакувам среќа на Вардар. Мислам дека Вардар одигра одлично и може да го победи ПСЖ во финалето и да ја освои титулата.