Вардар го делат три натпревари до освојување на првото место во најсилната група Б, позиција која води директно во четвртфиналето од најголемото ракометно натпреварување. Утре во С.Ц. Јане Сандански ќе гостува екипата на Целје, а овој дуел ќе биде четврти за оваа натпреварувачка сезона со шампионот на Словенија. Два во СЕХА-лигата и еден во ЛШ, сите им припаднаа на Вардарци кои се во очекување да ја продолжат серијата на победите. Една од најголемата опасност по нашиот гол ќе биде секако репрезентативецот на Словенија, Борут Машковчек кој беше главен креатор во пресвртот кој го направи Целје во минатото коло кога успеа да издвојува голема победа против екипата на Киелце. Машковчек тој натпревар го заврши со 8 постигнати голови. Само за нашите фанови во пресрет на утрешниот меч тој за нашиот сајт ги сподели очекувањата за овој дуел:
-Очекувањата се големи, посебни сега кога успеавме да го победиме Киелце. Повторно имаме шанси за пласман во осминафиналето, но знаеме дека утре ќе биде многу тешко бидејќи Вардар е број еден фаворит во нашата група. Имаат одлична екипа со квалитетни играчи и според мене едни од најдобрите навивачи во Европа, така да нашите шанси за победа се мали, но треба да се бориме па ќе видиме што ќе се случи.
Машковчек знае како е да се игра против Вардар и во оваа сала, бидејќи пред две сезони беше дел од екипата на Монпелје која беше во група со нашиот шампион.
-Екипата не се разликува многу од сезоната кога со Монпелје играв против Вардар. Мислам дека заминаа Брумен, Тоскиќ и Горбок, а дојдоа Чупиќ, Борозан и пикерот Мораес Фереира. Ако веќе морам да кажам кој состав е подобар, дали овој или тој пред две години, сигурно ќе кажам дека посилен е овој мометалниот со кој располага. Имаат повеќе искуство од играњето натпревари во лигата на шампиони.
Дополнителен мотив за Целје е триумфот против актуелниот европски шампион, сепак Борут фаворитската улога ја препушта на Вардар.
-Победата против Киелце сигурно дека ја подигна нашата самодоверба, но тоа не значи дека ќе триумфираме и тука во Скопје. Се надевам дека гледачите ќе имаат можност да видат добар и квалитетен натпревар. Иако како што напоменав, Вардар е голем фаворит на овој меч, сепак ние ќе ја играме нашата игра. Се е возможно, а може оваа 2017 е година на Словенците, па повторно ќе направиме некаква сензација, изјави Машковчек за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски