Последните шпекулации добија и потврда, од 1.јуни старо-нов сопственик на актуелниот Европски Шампион ќе биде Михајло Михајловски.
Оваа информација денес лично за неколку медиуми ја потврдил Михајловски, кој изјавил дека од 1.јуни и целосно го превзема Вардар. Како што најави тој самиот клубот ќе го превзеде без долгови, со оглед дека се уште актуелниот сопственик, Сергеј Самсоненко, има обврска да ги исплати играчите до завршување на оваа натпреварувачка сезона.
Полека се шпекулира и со нови играчи кои можат во новата сезона да го засилат тимот на Вардар, а постои можност во Скопје да останат и дел од актуелниот состав. Михајловски истакна дека клубот ќе се насочи кон носење на македонски ракометари, но секако дека ќе има и странски засилувања. Појасна слика ќе имаме сигурно во наредниот период, може полека и ќе се официјализира некој нов играч во редовите на Вардар.
Она што радува е дека Вардар ќе опстане и дека повторно ќе биде конкурентен во Лигата на Шампионите, секако екипата ќе претрпи промени, сигурно дека ќе има и помал буџет од претходните сезони, но едно е јасно, дека Вардар и понатаму ќе продолжи да живее.