Дојде време за разделба, голманот кој шест години го бранеше голот на Вардар, Страхиња Милиќ и клубот спогодбено го раскинаа договорот, кој траеше до 2019 година.
Милиќ не успеа во летниот период да го симне вишокот на килограми, кој го има, па Вардар се реши да му го прекине договорот. Милиќ со Вардар потпиша на 20-ти февруари 2012 година, кога на клупата на црвено-црните беше Веселин Вујовиќ. За овој период, популарниот “Џамбо“, покрај Европската и највредна титула за еден спорт, успеа да освои уште пет првенствени титули, шест национални купа, еден супер куп, како и четири трофеи во СЕХА-лигата.
За медиумите во Македонија, Милиќ изјави дека со Вардар го прекинале спогодбено договорот, поради тоа што не успеал да ослабне. Наводно, Милиќ се враќа во Србија, каде во наредниот период ќе биде познато во кој клуб ќе ја продолжи играчката кариера. Во овој момент, Вардар останува само со еден голман и тоа во новото засилување Дејан Милосављев, со оглед дека младиот Ѓорѓески поради операција на коленото нема да биде во можност да брани во следните два месеци.