Thursday ,02 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Христијан Милошески: Благодарение на “Јуниор лигата“ го остварив мојот сон и бев повикан да бидам дел од младинскиот состав на Вардар

Христијан Милошески: Благодарение на “Јуниор лигата“ го остварив мојот сон и бев повикан да бидам дел од младинскиот состав на Вардар

Веќе се покажува дека големиот проект со ракометните школи низ земјава кој влегоа во големото црвено-црно семејсво ги дава првите резултати. Нивниот настап во Јуниор лигата овозможи напредок и голема шанса за надоградување на младите ракометни надежи со нови знаења и шанса да бидат препознаени и регрутирани за тимовите на Вардар. Во дебитантската година, лигата покажа задоволство кај сите учесници од нејзината организација. Можност да бидат дел од “Јуниор“ лигата имаа повеќе од 20 ракометни школи низ цела Македонија, кои се дел од академијата на ракометниот клуб Вардар. Оваа лига се покажа како голем чекор за Христијан Милошески кој потекнува од школата на РК Филип-Вардар.

-Започнав да тренирам на 15 годишна возраст во екипата на РК Филип-Вардар од Прилеп. Како помал многу следев ракомет, ми се допадна тој спорт и ете решив да тренирам. “Јуниор лигата“ пред се е еден одличен проект кој ми овозможи да напредувам, надоградувам и да ги покажам моите квалитети. Имам само пофални зборови за “Јуниор лигата“, имавме многу добри противници и заедно со мојата поранешна екипа многу напредувавме.

Во новата сезона Христијан ќе настапува за младинците на РК Вардар, под водство на тренерите Слободан Чивлачки и Христијан Грчевски.

-Благодарение на “Јуниор лигата“ го остварив мојот сон и бев повикан да бидам дел од младинскиот тим на Вардар. Повикот од тренерот на младинците го очекував, бидејќи бев еден од најдобрите поединци во екипата и на целокупната лига ја освоив наградата за најдобар играч на завршниот турнир.

Младинците  на РК Вардар беа дел од турнирот “Дубрава 2016“ на кој го освоија петтото место.

-Турнирот во Загреб беше организиран на високо ниво со многу добри екипи, на кој ние го дадовме максимум. Задоволен сум од игрите и резултатот, иако можевме да покажеме многу повеќе. Многу сум задоволен од мојот личен придонес и го дадов максимумот од себе. Очекувањата за новата сезона се секако да станеме шампиони на Македонија во младинската и кадетска лига и да се покажеме во што подобро светло, изјави Христијан Милошески за Вардар Фанс.

Звонко Ивановски