Младинците на РК Вардар предводени од Слободан Чивлачки го добија дербито со екипата на Пелистер. На натпреварот одигран во спортскиот ракометен центар Кале, црвено-црните забележаа убедлива победа со резултат 34:27. На натпревар со многу голови, на крајот подобри беа нашите малдинци.
Мечот започна со гол на Вардар, а во наредниот период се играше израмнето со серија на погодоци на двете страни. На неколку наврати резултатот беше израмнет 4:4, 6:6 и 8:8. Следиме и прво водство на овој натпревар за гостинската екипа од 8:9. Вардарци враќаат со два гола во серија за ново водство од 11:10. Како се ближеше првото полувреме, имавме можност да гледаме подобра игра на Вардарци што донесе за прв пат позитива од три голови 15:12. Финишот му припадна на црвено-црниот состав, откако при резултат 17:15, направивме серија од 3:0, за на полувреме да имаме предност од 20:15.
На стартот на вториот дел Пелистер успева да се доближи до нашето водство и да намали на 20:18. Вардар не дозволи опуштање и повторно успева да ги врати оние највисоки пет голови предност 25:20. До крајот на натпреварот се играше гол за гол, црвено-црните поведуваат и со шест голови предност 30:24. На крајот испадна убедлив триумф против својот ривал и конкурент за втората позиција во групата, која води на завршниот турнир.
Убедливо најефикасен беше Марко Мишевски со 14 постигнати голови. Стефан Чакалиќ беше стрелец на 5, додека Андреј Мицаноски додаде 4 голови.