Во рамките на младинската група 2, победа забележаа младиците на Вардар, кои на Кале ја победија екипата на Радовиш. Ова е прва сезонска победа за вардарци и тоа на стартот од пролетниот дел. Резултатот на овој дуел гласеше 26:24.
Натпреварот започна со по еден гол на двете страни, за екипата на Радовиш да постигне три гола во серија и во 8 минута да стигне до водство од 1:4. Тренерот на Вардар, Пепи Манасков побара тајмаут и ги смири своите момци, кои во следните пет минути вратија со иста мера и во 13 минута стигнаа до израмнување на резултатот на 5:5. Следи нов лош период во нашата игра, кога и дозволивме на екипата на Радовиш со нова поголема серија од 1:7 во 24 минута да има највисоки 6:12. Кога се мислеше дека гостинската екипа ќе има солидна предност по првото полувреме, се разбудија младинците на Вардар кои до крајот на првиот дел не дозволија ниту еден гол во својата мрежа, а постигнаа четири, за по истекот на првите 30 минути да имаат минимална негатива од 11:12.
Второто полувреме започна со гол на Јаховиќ со удар од седум метри, за израмнување на 12:12, откако својот прв напад не успеа да го реализира екипата на Радовиш. Повторно противникот успева да се одлепи на два гола и во 34 минута да има водство од 13:15. Не дозволуваме повторно гостинот да побегне на голема разлика, а со голот на Антевски израмнуваме на 15:15.
Благодарение на одбраните на нашиот голман Андреј Талески, Вардар за прв пат на мечот успеа да стигне до водство од 19:18 во 50 минута од натпреварот. Игравме подобро во нападот, а тренерот Пепи Манасков се реши во нападот да игра без голман. Тоа донесе резултат, кога најпрво Јаховиќ погоди за 20:18, а во следниот напад со нов гол, стигнуваме до највисоки 21:18 во 53 минута од мечот.
Ја одржуваше оваа предност Вардар и во следните четири минути и беше се поблиску до победата. Иако радовишани успеаа да намалат на 24:23, во следниот наш напад погодуваме за два гола предност (25:23), што беше решавачки момент за триумфот, а следеше и нова одбрана на Талески. На крајот победа за Вардар изразена со резултат од 26:24.
Најефикасен кај Вардар беше Едис Јаховиќ со 9 голови, додека Никола Хаџидимовски додаде 5.
Вардар Јуниор: Ангеловски, Василевски 5, Игнов, Еленин, Антевски 2, Симевски 4, Хаџидимовски 5, Јакимовски, Јаховиќ 9, Чупетрески 1, Талески, Чакалиќ, Бојковски, Стојановски, Илиевски, Камчев.