Младинците на РК Вардар ќе играат во големото финале на младинскаtа лига, откако денес славеа во првото полуфинале, против екипата на ГРК Борец. Избраниците на Грчевски и Чивлачки обезбедија триумф со резултат 26:18 и вечерва ќе се борат за трофејот.
Откако двете екипи реализираа по еден напад, следеше серија на противникот од три последователни голови, кои им овозможија на стартот да се одлепат и да поведат со 1:4. Истава позитива ја имаа и по 15 минути игра, кога резултатот на семафорот гласеше 4:7. Лошо играа црвено-црните во овој дел од дуелот и правеа грешки, со кои му овозможивме на ГРК Борец да биде во предност. Сепак како одминуваше првото полувреме, Вардар го фаќаше потребниот ритам и полека ја топеше негатива. Следи серија на црвено-црните од 4:0 со која прават резултатски пресврт и поведуваат со 8:7. До крајот на првите 30 минути се играше гол за гол, па на полувреме, нашите младинци имаа минимално водство од 10:9.
Многу поубедливо издание на Вардар гледавме во второто полувреме. Екипата од Велес немаше сили да се надигрува со Вардар во овој дел од мечот, па на крајот мораше да се помири со поразот. Во второто полувреме видовме само две израмнувања (10:10 и 11:11), за избраниците на Чивлачки да започнат да го “газат“ противникот. Најпрво направија серија од 3:0 и зголемина на 14:11. Следуваше период од три минути, кога ГРК Борец намали на 15:13 и до тука гледавме резултаска неизвеност и рамнотежа на овој натпревар. Во следните десет минути црвено-црните направија неверојатна серија од 10:1 и стигнаа до двоцифрена предност од 25:14, по што беше јансо кој ќе го добие ова полуфинале. До крајот Борец успеа само да го ублажи поразот, конечниот резултат гласеше 26:18.
Најефикасни во нашиот табор беа Ќосевски со 6 и Мисаилески со 5 погодоци.
Вардар: Мишоски, Миланов 2, Ќосевски 6, Милошевски 4, Митевски, Крстевски 1, Петковски, Олтовски, Бикоски 3, Тушев, Трајковски 1, Мисаилески 5, Радуловиќ, Ѓорѓиев 3, Наков 1, Мицаноски.
Завршниот турнир во младинската лига се игра во спортската сала во населбата Автокоманда. Вечерва со почеток од 19:30 часот, Вардар во големото финале ќе игра екипата на Металург 2, кој по голема борба минимално го победи тимот на КЛ-7 Струга (21:20).