Очекувана победа за младинците на Рк Вардар Јуниор, кои во рамките на 4 коло од лигата, беа подобри од екипата на Зомимак од Струмица. Натпреварот помина во целосна доминација на црвено-црните, кои ја имаа контролата на игра во текот на целиот меч.
Нерамноправен дуел на две екипи, со голема разлика во квалитетот на составите на играчи со кои располагаат. Добрата одбрана на младите Вардарци кои примија само пет погдоци во првото полувреме, ја отсликува реалната ситуација на овој дуел. На стартот поведовме со високи 11:1, па продолжението од мечот беше само чиста формалност за тоа кој ќе ги освои бодовите. На полувреме имавме предност од 13 голови разлика, или резултат 18:5.
Вториот дел беше само рутинско одработување на овој дуел, каде ја одржувавме стекнатата предност од првите 30 минути. Шанса до крајот добија и ново дојдените играчи, со цел воигрување на екипата пред следните натпреварите и турнирите кои претстојат. Конечниот резултат гласеше 32:20. Најефикасни во црвено-црниот состав беа Димитров и Стоилевски со 5 голови, како и Гичев со 4 погодоци. Ова е трета победа за оваа екипа во младинската лига, која има уште и еден нерешен резултат.
Младинците на Вардар Јуниор настапија во следниот состав: Куртановиќ, Петковски, Јаневски, Јорданов, Димитров, Апостоловски, Гичев, Лазов, Ѓоршоски, Цветковски, Стоилевски, Амзоски, Јовановски, Степановски и Стојановски.