Wednesday ,08 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Вардар го доби младинското ракометно дерби, “преслушан“ Пелистер во Битола
Вардар го доби младинското ракометно дерби, “преслушан“ Пелистер во Битола

Вардар го доби младинското ракометно дерби, “преслушан“ Пелистер во Битола

Младинците на ракометниот клуб Вардар со победа го стартуваа пролетниот дел во младинската лига. Вечерва избранциите на Чивлачки и Грчевски го добија дербито во Битола против екипата на Пелистер. Конечниот резултат на ова дерби гласеше 21:24 во корист на црвено-црните.

Натпреварот со гол го отвори домашниот тим за почетна предност од 1:0, по што во следните десет минути гледавме игра гол за гол на двете страни, се до моментот кога при резултат 6:6, екипата на Вардар прва успеа да поведе со два гола разлика (6:8). Битолчани набрзина успеваат да го израмнат резултатот на 9:9, но нашите надежи вратија со три погодоци во серија и поведоа со највисоки три гола разлика (9:12). Ова водство го одржувавме и по истекот на првите 30 минути, кога резултатот на семафорот гласеше 12:14.

Можеби решавачкиот чекор кон победата, Вардарци го напрвија на стартот на вториот дел кога постигнаа три последователни голови, наспроти противникот кој не успеа ниту еднаш да реализира. По само пет минути игра во вториот дел, црвено-црните имаа највисоки 12:17 и започнаа полека да го кршат отпорот на Пелистер. Нашиот состав ја одржуваше оваа разлика и во следните осум минути, кога имавме предност од 16:21. Домашниот тим не сакаше така лесно да се откаже и предвреме да им ги препушти бодовите на Вардар, па понесени од домашната публика прават серија од 3:0 за да се доближат на само два гола негатива 19:21. Сепак црвено-црните не дозволија да испуштат ваква предност благодарение на одбраните на Марко Кизиќ, па на крајот сосема заслужено славеа со резултат 22:24.

Убедливо најефикасен во нашиот состав беше струмичкото засилување, Васе Наков кој постигна 10 голови. Најблиску до него беа Тони Атанасовски со 5 и Христи Бикоски со 4 голови. Марко Кизиќ беше одличен на голот забележувајќи 21 одбрана. Ова инаку беше трет триумф за нашите младинци во рамките на групата 1. На првиот меч одигран во Скопје овие две екипи одиграа со нерешен резултат.