Вчера се одигра првиот натпревар во групата во која настапува и екипата на Вардар. Тимот на Мотор Запорожје пред своите навивачи беше подобар од Порто.
Екипата на Мотор Запорожје ја искористи шансата да слави против „преполовениот“ тим на Порто, кој не беше комплетен на овој дуел. Во најголем дел од мечот, домашниот тим беше во предност, додека екипата на Порто успеа само во неколку наврати да го израмни резултатот. На полувреме, Мотор имаше позитива од 19:16, која беше анулирана во првите пет минути од второто полувреме, кога португалците успеваат да израмнат на 19:19. Сепак домаќинот направи нова серија со која се одлепи на највисоки 26:21 и во овој период го реши победникот на натпреварот. На крајот, Мотор Запорожје забележа победа со резултат 33:29.
Во редовите на победникот, најефикасен беше Сорока кој постигна осум голови. Кај Порто се истакнаа Бранкинњо и Гомес со по шест погодоци.
Овој резултат оди во прилог на вардарци, со оглед дека пред одигрување на ова коло, имаа еден бод помалку на табелата од екипата на Порто. Со евентуален триумф во недела против екипата на Веспрем, актуелниот Шампион на Европа повторно ќе се вклучи во борбата за највисок пласман на табелата и сигурно дека ќе напредува една позиција погоре во најсилната група Б.