Навика стана последниве сезони Рк Вардар често да игра со екипи од најсилната Бундес лига. Како во групна фаза, така и во елиминацискиот дел, ждрепката за Вардар секогаш е поврзана со највлијателните клубови од Германија.
Во сезоната 2012/2013 во рамките на третата рунда, последна пред пласманот во групната фаза на ЕХФ купот, Вардар ги вкрсти силите против Магдебург.За “влакно“ не успеавме да ја оствариме целта во тој двомеч, кој започна со натпревар во Германија, а заврши во “вулканското и пребучно кале“ каде многу силни екипи заминувале со наведнати глави. Првиот натпревар таму заврши со победа на домаќините од 30:27. Иако и таму во поголем дел, пред се на првото полувреме имавме предност. На тој меч легендарниот Вујо доби исклучување , со што доби казна и суспензија од ЕХФ, да не биде на клупата на црвено-црните на реваншот во Скопје. Тоа само дополнително ни даде мотив и потик да веруваме повеќе во себе.
Дојде и реваншот, кога вулканот Кале се активираше. Армијата од навивачи на Вардар, популарните Комити собрани од најмлад до најстар навиваа во еден глас. Атмосферата беше пеколна, во салата тешко се дишеше. Андон Бошковски диригираше од клупата. Само за еден погодок, не успеавме во тешката битка со германците. Последниот удар го имаше Прибак, кој за жал заврши во телото на еден од гостинските играчи. Магдбург се радуваше, Вардар тагуваше. Среќата ни го сврте грбот.
Следната 2013/2014 сезона, Вардар со новиот сопственик ,господинот Сергеј Самсоненко се пласира директно во Лигата на Шампионите. Во тимот се донесени играчи како Дибиров, Душебаев, Брумен,Чипурин и други. Вардар со големи амбиции го стартуваше ова натпреварување. Во групната фаза го освоивме четвртото место. Ждрепката за 1/8 дуел повторно не спои со Германски клуб. Овој пат го извлековме тогашниот актуелен европски првак, екипата на Хамбург. Неможеше и да се добие потежок противник од нив. Целата фаворитска улога им припадна на европските шамиони.
Првиот натпревар се играше во Скопје, во арената во Борис Трајковски. Во еден тежок и квалитетен натпревар, на крајот никој не се радуваше на победата. Конечниот резултат гласеше 28:28. Вардарци заминаа во германија со надеж и верба дека можат да приредат изненадување. На овој меч настапивме без својот најдобар играч.Тимур Дибиров поради повреда на окото здобиена од дуелот со Хенс во Скопје, го пропушти мечот. Сепак Карачиќ, Душебаев, Ангелов и компанија беа подобри од Дувњак,Кањелас, и Битер. Во текот на целиот меч имавме постојано водство. Конечниот резултат од 29:30 на семафарот беше зачудувачки и шокантен за домашната публика.Вардар се радуваше, а Хамбург во тој момент го изгуби епитетот “актуелен европски првак“. Нашите играчи добија незаборавен пречек при пристигнувањето,кој започна на аеродромот Велики, а заврши во тврдината Кале.
Емоциите поминаа, се очекуваше следниот противник во 1/4. Повторно мешањето на топчињата го извлекоа Вардар со бундеслигаш. Екипата на Фленсбург беше последната пречка пред Ф4. Резултатот од првиот меч во Фленсбург, ни даде голема надеж дека можеме да испишеме историја. По седум дена следуваше реванш во С.Ц.Борис Трајковски. Салата беше преполна без празно место. Момците на Раул Гонзалес се загреваа за решавачката битка. Натпреварот не започна добро за црвено-црните. По првото полувреме имавме негатива од пет гола , додадени на оние два од Германија.Вкупно седум гола заостанувавме во тие моменти. Кога сите очекуваа дека немаме сила за пресврт и за нешто повеќе, играчите не демантираат во тоа. Понесени од публиката се надминаа себеси, направија целосен пресврт.Цела сала беше подигната на нозе. Флензбург се губи во пеколот што го приредуваа Комити. Вардар во еден момент имаше предност од четири гола, и беше многу блиску до Ф4. Милиќ му фаќа жива топка од седум метри на Егерт, што наидува на воодушевување. Сепак среќата повторно ни го сврте грбот. Гостите беа посреќни во финишот, на крајот тие се радуваа.
Срцата на сите вардарови навивачи во тие моменти беа скршени. Кај играчите имаше многу солзи и емоции. Никој неможеше да поверува што се случи. Најверните Комити не сакаа да ја напуштат салата. Момците од соблекувалната се вратија и им ракоплескаа на навивачите. “ И да изгубите нема да ве оставиме“ ечеше во Борис Трајковски. Сепак тие на крај останаа наши херои. Вистински херои кои оставија срце на терен ,се бореа како да се работи за живот, а не за натпревар.Сите на крај бевме горди на нив,горди што навиваме за клб како Вардар.
Нова сезона, нови играчи, нови планови и цели за екипата на Рк Вардар. Во група повторно се најдовме со бундеслигаш. Овој пат со екипа која последниве неколку години посакува да му го одземе приматот на Кил, шампион во првенството. Рајн-Некер Левен последниве сезони многу вложува, располага со доста квалитетни ракометари. Во третото коло од Лигата на Шампионите, во новата тврдина Јане Сандански ја пречекавме токму екипата на Рајн-Некер Левен.Беа рамноправен противник само во првите 30 минути, кога одржуваа некој достижен резултат. Во вториот дел, Вардарци го скршија отпорот на противникот за да ја забележиме третата победа во ова натпреварување.Од салата се слушаше „Ауфидерзен“. На прес псле утакмицата, нивниот среден бек Менсах-Ларсен изјави дека “невозможно е за противникот да игра во таква пеколна атмосфера“. Тоа им беше може како едно алиби за поразот.
Дојде денот да се израмнат и расчистат сметките со германците.Некер Левен беше жртвата на Вардарци. Мотивирани како да играат финале, момците на Гонзалес речиси експресно го збришаа домаќинот на овој меч. Го уништија со нивното најсилно оружје, брзата игра која беше видлива кај нашите момци. Смирениот тактичар Раул Гонзалес го надмудри целосно Јакобсен од противничкиот табор, кој немаше решение за нашата игра. Арпад Штербик само да му покаже на Ландин кој е број еден голман во свет.Дибиров повторно го стави во сенка Уве Геншејмер кој беше непрепознатлив на овој меч.
Вардар го освои второто место,и сега ја чека ждрепката за 1/8 која е на програмата во вторник со почеток од 12:30.Можни противници се Данкерк, Фленсбург, Висла или Загреб. Дали судбината повторно ќе не спои со нашите должници, останува да видиме
Звонко Ивановски