Претстојниов викенд ќе се одигра претпоследното коло, во рамките на најсилните групи А и Б од Лигата на Шампионите. Ние секако правиме најава на групата А, во која се наоѓа нашиот Европски Шампион.
Вардар има можност на едно коло пред крајот на групната фаза да го обезбеди првото место во групата, кое носи директен пласман во четврфиналето. За да се случи такво нешто, црвено-црните ќе треба непоразени да заминат од гостувањето во Франција. Нант доколку сака да ја продолжи неизвесноста за освојување на првата позиција, ќе мора да слави пред својата публика. Вардар го доби првиот меч одигран во Скопје со резулат 27:23. Во текот на вчерашниот ден, Нант имаше натпревар во националното првенство, кој го доби на гостински терен против екипата на Саран, додека Вардар после мечот против Пик Сегед немаше натпревари во СЕХА-лигата и има довволно време да се одмори и подготви за овој меч, кој на програмата е во недела, со почеток од 17:00 часот. Неизвесен за овој дуел е повторно Иван Чупиќ, додека кај противникот ќе недостасува Кирил Лазаров, кој се уште се опоравува од повредата здобиена на Европското првенство во Хрватска.
Во последните две кола, екипата на Барселона ќе се обиде да ја “нападне“ втората позиција, на која моментално се наоѓа Нант. Избраниците на Чави Пасквал имаат гостување во Шведска, против тимот на Кристијанштад, кој е во “грчевита“ борба за освојување на шесттото место, кое носи пласман во осминафиналето. Висла Плок, Кристијанштад и Загреб имаат ист број на освоени бодови и која од овие екипи да победи во ова коло, ќе биде многу блиску до освојување на посакуваното место на табелата. Несомнено дека Барселона е фаворит за победата, но домашниот терен и публика се адутите на Кристијанштад, кој вчера славеше триумф на натпревар од домашната лига, додека и Барса беше убедлива во дуелот со екипата на Адемар Леон. Дуелот на овие екипи е закажан за во сабота, со почеток од 16:00 часот. Да потсетиме дека првиот меч одигран во “Палау Блауграна“ и припадна на Барса, која славеше тешка победа со резултат од 31:29.
Во слична ситуација е и натпреварот помеѓу екипите на Висла Плок и Рајн-Некар. Полјаците се во голема борба за шесттото место, додека Рајн-Некар ќе се обиде да го сочува четвртото место, а тешко дека може да ја нападне третата позиција на Барса. Бодовите во овој дуел се многу поважни за Висла Плок, кој доколку триумфира ќе биде блиску до пласман во следната елиминациска рунда од ЛШ. Шампионот на Германија го доби првиот натпревар одигран во Манхајм, со резултат од 31:27. Натпреварот ќе се одигра во недела, стартот на дуелот е од 19:00 часот.
Во последната двојка од оваа група се среќаваат екипите на Пик Сегед и ППД Загреб. Унгарците веќе го имаат обезбедено пласманот меѓу најдобрите 16 екипи, што не е случај и со екипата на Загреб. Во новата година, Пик Сегед се наоѓа во добра форма, за што говори и гостинската победа против Рајн-Некар, како и одличниот натпревар против Вардар, дуел на кој Сегед даде голем отпор на нашиот шампион. Позицијата на двете екипи говори дека победата е повеќе потребна на Загреб, додека за Пик Сегед е сигурно петтото место во групата, со многу мали шанси да напредува нагоре на табелата, во овие две последни кола. Сегед славеше на гостувањето во Хрватска, со резултат 23:28. Во сабота од 17:30 часот ќе стартува натпреварот во Унгарија.
Како изгледа табелата во групата А, пред одигрување на претпоследното коло:
1. Вардар 20
2. Нант 17
3. Барселона 16
4. Рајн-Некар 14
5. Пик Сегед 11
6. Висла Плок 6
7. ППД Загреб 6
8. Кристијанштад 6