Во текот на вчерашниот ден се одиграа натпревари во рамките на квалификациите за европското ракометно првенство, кое во 2018 година ќе се одигра во Хрватска. Активни беа ракометари од Вардар со своите репрезентации.
Русија на домашен терен доживеа убедлив пораз од селекцијата на Шведска и сеуште остана без победа во својата група, каде има само два нерешени резултати, а ова воедно беше и прв нивни пораз. Гостинската репрезентација уште од самиот старт најави дека атакува на победа, кога поведе со 0:3, а потоа и со 1:8. Почетокот најави каков тек ќе има овој дуел, каде Русија во еден момент намали на 5:10, но до крајот на првото полувреме, Шведска ги врати највисоките седум голови и на одмор замина со предност од 10:17. Во второто полувреме, скандинавците имаа контрола на резултатот, не дозволувајќи на Русија да намалат на помалку од пет голови разлика. На стартот на второто полувреме намалија на 14:19, но тоа беше се што сторија на овој меч. Шведска повторно поведе со 15:22, за до крајот и да го зголеми резултатот, за конечни 21:29. Најефикасен играч во репрезентацијата на Русија, беше играчот на Вардар. Александер Деревен кој постигна 5 голови, додека Данил Шишкарев беше стрелец на 2 гола.
Шпанија потешко од очекувањата стигна до гостинска победа против Австрија со еден гол разлика (29:30). Во две различни полувремиња, на крајот “фуријата“ спасуваше бодови на ова гостување. Во најголем дел од првиот дел, Шпанија беше репрезентацијата која имаше предност, но не поголема од два гола разлика. Беше 6:8 и 9:11, за на полувреме да имаат само еден гол предност, или на одмор се замина со резултат од 13:14. Многу подобра игра на Австрија во второто полувреме, каде најпрво израмнија на 16:16, а потоа стигна и до предност од 18:16. Со поддршка од домашната публика, Австријците имаа и највисоки четири голови разлика (20:16) и во тие моменти беа многу поблиску до освојување на бодовите. Сепак во последните три минути, избраниците на Рибера го израмнија резултатот на 28:28, а во интересна завршница фаворитот Шпанија стигна до минимална победа. На голот стартуваше Штербик, додека во нападот, Душебаев постигна 4 голови, додека 3 запиша и Кањелас.
Со нерешен резултат од 27:27 одиграа репрезентациите на Словачка и Црна Гора. На овој меч, по првото полувреме Словаците имаа предност од четири голови (15:11). Црна Гора речиси цел натпревар бркаше негатива, но во последната минута од натпреварот се влезе со нерешен резултат од 26:26. Вуко Борозан покажа дека е еден од најдобрите леви бекови во светот постигнувајќи гол за водство од 26:27, на пет секунди пред крајот на мечот. Сепак Словаците изведоа брз центар, по што беше направен фаул и директен црвен картон за Липовина, што значеше удар од седум метри за Словачка, кој успешно го реализира Урбан за конечни 27:27. Борозан ја потврдува својата добра форма, постигнувајќи вкупно 11 голови зад своето име.