Денес во спортско рекреативниот центар Кале се одигра вториот контролен натпревар помеѓу екипите на РК Вардар 2 и Спартак. Натпреварот заврши со нерешен резултат 30:30.
Тренерот Зоран Петковски го стартуваше овој меч со својата резервна постава. Првите два погодоци им припаднаа на гостинската екипа, која поведе со 0:2. Црвено-црните брзо ги консолидираа своите редови и со серија од четири последователни гола да дојдат до водство од 4:2. Во 9 минута се случи и второто израмнување (4:4) , а од тие моменти до крајот на првото полувреме тимот на Спартак беше во постојана предност. На нашиот гол започна Илија Трпевски кој до 14 минута имаше 5 успешни интервенции. На средината на првото полувреме, тренерот Петковски ја смени речиси цела постава на теренот. Противникот во следните минути успева да поведе со највисоки три голови разлика (5:8). Капитенот на Вардарци Дамјан Трајковски ја прекинува серијата на Спартак и намалува на 6:8. На голот застанува Андреј Петковски кој веднаш ја бележи првата одбрана. Неколку наши грешки во нападот, му овозоможија на противникот да стигне до четири гола разлика (6:10) во 20 минута од мечот. Во тој период гостите успеваат да ја зачуват стекнатата предност, дури во еден момент да имаат и пет гола позитива (7:12). Со подобра игра до крајот на првото полувреме, избраниците на Петковски успеваат да ја намалат негативата и на полувреме да се замине со достижни 12:15.
Вардар го отвара второто полувреме со два гола во серија, за да намали на 14:15. Само пет минути им беа потребни на малдите Вардарци да го израмнат резултатот на 17:17. Крилото Филип Дамчевски успева по подолго време да донесе водство за својот тим (18:17). Спартак врати на нашата игра со два гола, за повторно но само за момент да го врати водството. Следеше вистинскиот Вардар на теренот, кој со серија од 5:0 за прв пат на мечот поведува со четири гола разлика (23:19). Противникот сепак не дозволи црвено-црните предвреме да го решат натпреварот па одржуваа негатива од 2-3 гола. На десет минути пред крајот стигнаа и до само еден гол заостанување (25:24).
Сите четири голмани кои му беа на располагање на тренерот Петковски добија своја шанса на голот. На пет минути пред крајот, Спартак го израмнува резултатот на 26:26 и донесува неизвесност до самиот крај. Во следниот напад реализираме со удар од седум метри, голот беше дело на Амзоски за водство од 27:26. Во една неизвесна завршница, со истекот на регуларното време Спартак успева да постигне гол и да го израмни резултатот на 30:30, што беше и конечен на овој меч.